Очилата на индиската икона Махатма Ганди се продадени за 288.535 евра, иако аукциската куќа „Ист Бристол аукшнс“ претходно процени дека нивната цена ќе биде доста пониска. Очилата биле оставени во поштенското сандаче на бристолската аукциска куќа, заедно со порака во која пишувало дека тие му припаѓаат на познатиот водач за независност на Индија, Махатма Ганди. Имало и контакт-број за дополнителни информации.

Имено, донаторот ги наследил очилата од вујко му, кој работел во Јужна Африка, приближно во истиот период кога и Ганди престојувал таму. Токму тој му ги подарил очилата, кои во семејството се пренесувале од генерација на генерација, објави „Скај њуз“.
Откако во аукционерската куќа направиле некои истражувања, процениле дека нивната вредност може да биде околу 15.000 фунти. Меѓутоа, цената по која ги продале и за нив била шокантна.

– Добивме неверојатен резултат за неверојатен предмет – изјавиле од аукциската куќа „Ист Бристол аукшнс“.
Стилот на облекувањето на Ганди, синџирче, шал, очила, станал симбол на цело движење и на она за што тој се бореше, Индија да стане независна од британското владеење, но на ненасилен начин.