Организаторите ги прават последните подготовки за „Охрид фест“, кој ќе се одржи по 28. пат, на 10 и 11 септември, на сцената на „Долни сарај“.
– Минатата година, и покрај неизвесноста со пандемијата, го одржавме фестивалот, на што сме особено горди. Продолжуваме каде што застанавме, па и годинава ќе слушнеме квалитетни песни што ја следат трубадурската традиција, но и многу добри поп-композиции, кои ќе ги исполнат атрактивни гости на интернационалната вечер – вели првиот човек на „Охрид фест, Григор Копров.
Прва е фолк-вечерта,чиј уметничкиот директор е Цане Петров, а на која ќе настапат: Благица Павловска, дуетот Баже Груевски и Сани, Ирена Спасовска, Барбара, „Скопски боеми“, Петар Нечовски, „Соната“, Нино Величковски, Петар Христов, групата „Лихнида“. За интернационалната вечер, пак, уметничкиот директор Горан Шарац од Словенија вели дека ќе биде мал „Евросонг“.

– Охридскиот фестивал во самиот концепт со својата интернационална вечер е единствениот фестивал на овие простори што сѐ уште гради регионални мостови во музиката, за која знаеме дека нема граници. И не само тоа, на фестивалот можеме да слушнеме различни јазици на кои пеат изведувачите од Балканот. Песните што ќе ги чуеме на фестивалот ги носат печатот и звукот на времето во кое живееме, а секако го опишуваат и просторот од каде што доаѓаат музичарите – вели Горан Шарац.
На 28-то издание на „Охрид фест“ ќе настапат: Марко Кон и Срѓан Марјановиќ од Србија, Владо Калембер и Теди Грубица од Хрватска, потоа Црна Гора ја претставуваат Славко Кнезовиќ и Јована Мустур Ражњатовиќ, а Божидар Волф и дуетот Инес Ербус – Давид Амаро се гостите од Словенија. По остварената соработка со Фестивалот на шансоната во Шибеник, победникот ќе го видиме и чуеме во Охрид. На сцената на „Долни сарај“ ќе настапи и Лиа од Бугарија, од Грција ни доаѓа Толис Дамјанос, „Медија“ од Хрватска, додека Рина Рамадани е претставничка на Албанија. Покрај гостите од странство, на Интернационалната вечер ќе настапат и нашите изведувачи: групата „Интервали“, Александар Јосифовски, Филип Јордановски, Лена, Мелани, Слободанка Танева.