Парламентот на Велика Британија објави дека неодамна откриениот таен премин под неговото здание бил изграден уште во 1661 година, по повод крунисувањето на кралот Чарлс Втори. Преминот бил откриен неодамна, во текот на спроведувањето на повеќегодишниот проект за обнова на зградата.
– Во Историскиот англиски архив во Свиндон прегледавме над 10.000 неевидентирани документи што се однесуваат на палатата и тогаш ги пронајдовме плановите за влезот во камениот премин зад Вестминстерската палата – изјави Лиз Халам Смит, професорка и консултантка за проектот, објави Си-ен-ен.

Благодарение на овие документи, тимот успеал да ги пронајде шарките на дрвените врати со висина од 3,5 метри, со мала соба меѓу нив. Методот дендрохронологија е користен за одредување на староста на дрвото, со што било потврдено дека гредите на таванот на малата соба биле исечени во 1615 година, две години пред крунисувањето. Преминот бил дел од подолга патека, која требало луѓето од некогашната локација на Домот на лордовите да ги однесе во салата во која се наоѓале кралот и кралицата.
Постоењето на оваа соба не било единственото изненадување. Внатре се пронајдени рачно напишани „графити“ на ѕидарите, кои помогнале да се обнови зградата по оштетувањето во пожарот во 1834 година. Натписите му одолеале на времето и опстанале сите овие години.

Долниот дел од Парламентот на Обединето Кралство е дел од комплексот зданија на британската влада во Вестминстер, кој се протега покрај брегот на Темза.
– Уживавме во ова откритие, но палатата, без сомнение, крие уште многу тајни што допрва треба да ги откриеме – вели Марк Колинс, државен историчар во Парламентот.
Тој се надева дека овој премин наскоро ќе се најде во редовната тура при посетата на зградата од страна на многубројните туристи.