Во Кина е откриен древен град што би можел да го промени разбирањето за потеклото на цивилизацијата во тој регион. Стручните лица веруваат дека уништената градска населба во близината на градот Џенгџоу сугерира дека кинеската цивилизација и градовите се многу постари од што се мислеше претходно.
Древниот град е откриен во делот Шангхуицу, во близината на Џенгџоу, во провинцијата Хенан. Наоѓалиштето опфаќа површина од околу 280.000 квадратни километри и се наоѓа на јужниот брег на Жолта Река.

– Археолозите информираат дека урнатините на градот се еден од најголемите племенски кластери од средната и доцната фаза на културата јангшао, кој е создаден пред околу 7.000 години, во неолитот. Истражувачите веруваат дека населбата била опкружена со три длабоки рова, формирајќи за тоа време сложен одбранбен систем. Во неа постоел централен станбен простор, а постојат дури и докази за урбанистичкo планирање. Пронајдени се траги од примитивна канализација, складишта и системи на патишта. На ископуваното место се пронајдени голем број предмети од културата јангшао, кои датираат од пред 7.000 до 5.000 години. Некои предмети со резба укажуваат дека во градот се произведувала свила, што претставува најран доказ за производство на тој материјал – се посочува во текст од „Национална географија“.

Во текстот се укажува и дека меѓу откриените станбени квартови, научниците пронашле остатоци од три платформи за жртвување, на кои веројатно се одржувале обреди и церемонии. Меѓу откриените наоди се и девет глинени саксии, распоредени како девет ѕвезди во соѕвездието Големата Мечка. Ова сугерира дека тамошните жители веќе во неолитот поседувале знаења за астрономијата. Според историчарите, локацијата на градот се совпаѓа со текстовите од „Книга на промените“ (класично дело од раната кинеска филозофија), каде што постои приказ на коњ што се издигнува од Жолта Река, со мапа на грбот, и на желка што излегува од реката Ло.

Градот е изграден токму на раскрсницата од овие две реки, па се претпоставува дека описот во книгата не е случајно избран. Според локацијата на објектот, веројатно а градот бил резиденција на полумитскиот монарх Ксуаниуан, кој ги подучувал луѓето како да одгледуваат ориз и просо. Меѓутоа, сѐ уште не се пронајдени докази за постоење на кралската палата во градот. Тој се наоѓа на подрачје што илјадници години без прекин е населено и покажува дека овој регион е една од колепките на кинеската цивилизација. Општинскиот институт за археологија „Џенгџоу“ најавил и отворање на древниот град.