Тим истражувачи идентификуваа нови, сè уште непознати видови полжави што се наоѓаат во збирките на Природонаучниот музеј во Виена речиси 150 години. Музејските збирки уште еднаш се покажаа како исклучително важен извор на информации за евидентирање на биолошката разновидност.
Особено неочекувано беше тоа што околу една третина од видовите сè уште не се евидентирани и опишани, иако тие се во збирките на Природонаучниот музеј повеќе од 150 години, а се стари неколку милиони години. Требаше да се најдат нови имиња за 33 вида и девет рода. Истражувачите му посветија еден од видовите на градот Виена. Малиот полжав е наречен „митрела виененсис“ и живеел на ливадите со морска трева во Виена и во Баден.
– Нашата студија јасно ја покажува важноста на научните збирки за разбирање на биодиверзитетот од минатото, како и од сегашноста. Богатствата на музејот сè уште не се целосно откриени и потребни се експерти што воопшто ќе ги препознаат – вели д-р Матијас Харзхаузер, раководител на Геолошко-палеонтолошкиот оддел на Природонаучниот музеј во Виена.
Повеќето од наодите датираат од 19 век, кога во областа на поранешната Хабсбуршка Монархија работеле стотина каменоломи и песочници. Фосилите сега се дел од колекцијата на геолошкиот и палеонтолошкиот оддел на музејот.
Пред околу 15 милиони години, источна Австрија била покриена со тропско море што се протегало од Виена до Кавказ. Глобалниот климатски оптимум им овозможил на коралните гребени да растат сè до Бургенланд. Проектот што го започна Природонаучниот музеј е посветен на истражувањето на полжавите на ова изгубено море.