Во студија спроведена на 195.000 лица, научниците во Лондон и во Ротердам откриле дека генетиката што влијае на бојата на очите е многу посложена отколку што се сметаше порано.
„Сајенс едвансис“ ги објави резултатите од истражувањата на научниците од Кралскиот колеџ во Лондон и Медицинскиот центар на универзитетот „Еразмус“ во Ротердам, најсеопфатните досега од ваков вид.
Станува збор за потрага по гени што, како што се покажа, во многу сложена интеракција ја одредуваат бојата на очите кај луѓето. Причината за истражувањето е секое подобро разбирање на очните болести, како што се пигментарен глауком и окуларен албинизам, нарушувања во кои важна улога игра пигментот во окото, пренесува научното списание „Неуросајенс њус“.
Анализата вклучувала испитаници од Европа и од Азија, а покрај откривањето 50 гени што влијаат на бојата на очите чија функција не била позната во тој дел, исто така било откриено дека бојата на очите кај Азијците што имаат различни нијанси на кафеава боја, генетски всушност е многу слична на Европејците кај кои бојата на очите варира од темнокафеава до светлосина.

Претходно се сметаше дека бојата на очите ја одредуваат многу малку гени, само еден или два, дека темнокафеавата боја на очите е генетски доминантна во однос на сината, но неодамнешното истражување укажува на веројатноста дека станува збор за неспоредливо посложена слика.
– Откритијата се возбудливи бидејќи тие нè доведуваат на чекор до разбирање на гените што ја предизвикуваат една од највпечатливите карактеристики на човечките лица. Ова ќе го подобри нашето разбирање за многу болести за кои знаеме дека се поврзани со специфични нивоа на пигментација – вели еден од водачите на студијата, Пирo Хajси, од Кралскиот колеџ во Лондон за „Неуросајенс њус“.