Тајната на еден од најзначајните зачувани египетски списи на папирус, стар повеќе од 2.000 години, беше откриена благодарение на модерната технологија.
Научниците од Европскиот институт за синхротронско зрачење (ЕСРФ) во Гренобл, Франција и Универзитетот во Копенхаген биле во можност да откријат какво мастило е користено за пишување на овој папирус. Тие користеле модерни рендгенски зраци за да ги проучат црвеното и црното мастило на папирусот од библиотека во стариот град Тебтунис.
– Користејќи ја технологијата на 21 век за да ги откриеме скриените тајни на античката египетска технологија, се обидовме да одговориме на прашањата за потеклото на пишувањето – вели Марин Коте, научник од ЕСРФ и член на истражувачкиот тим.
Откриле дека Античките Египќани не користеле олово за да го обојат мастилото туку за побрзо да се исуши и да се задржи на папирусот.
– Фактот дека оловото не било додавано како пигмент, туку како елемент за сушење, укажува на тоа дека Египќаните имале сложен рецепт за мастило и дека не секој можел да го направи тоа – вели Томас Кристијансен, египтолог од Универзитетот во Копенхаген.
Практиката на Античките Египќани се совпаѓа со откритието што се појавило за време на ренесансата, во 15 век во Европа. Тогаш сликарите, кои повторно почнале да ја користат техниката масло на платно, користеле примеси на олово за побрзо да се исуши.