Јужно од Исланд, на островот Елидеј, е изградена мала бела куќа, за која се верува дека е најосамена на светот. За неа постојат голем број мистериозни теории, а според една, куќата ја изградил милијардер, кој планирал да се пресели на оддалечениот остров во случај на апокалипса. Втората теорија вели дека во куќата живеел некој верски фанатик, пустиник. Постои и приказна за тоа дека исландската влада ѝ го подарила островот на пејачката Бјорк, но тоа е демантирано. Има и такви што велат дека куќата е измислена, но фотографиите што се појавуваат на социјалните мрежи го негираат тоа.
Островот Елидеј, како дел од архипелагот Вестманеајр, сега е сосема пуст, но бил населен пред 300 години. Таму живееле пет семејства, кои се занимавале со риболов, лов на птици и одгледување добиток. Последните жители си заминале до 1930 г., а оттогаш местото е пусто. Вистинската приказна за мистериозната куќа е дека таа всушност ѝ служи како база на групата што организира лов на островот. На имотот нема струја, ниту течна вода. Меѓутоа има сауна, за која се собира дождовница преку посебен систем.
Инаку, островот е природен резерват и е прогласен за заштитено подрачје, а разни туристички агенции нудат еднодневни излети во Елидеј за оние што сакаат да го истражат ова парче недопрена природа.