Почувствувај ја слободата да ја прифатиш пораката на свој начин. Само така подобро ќе се разбереме едни со други, вели Сиетс Бекер, продуцент за избор на песна на „Евровизија“ во 2020 година

Слоганот за „Евровизија 2020“, што во мај следната година ќе се одржи во Ротердам, Холандија, е „Отвори се“. Според креаторите, пораката е да се отвориме едни кон други, кон музиката, кон Ротердам, кон сѐ што ќе посакаме.
– Почувствувај ја слободата да ја прифатиш пораката на свој начин. Само така подобро ќе се разбереме едни со други – изјави Сиетс Бекер, главен продуцент на „Евровизија 2020“.
Со овој избор на слоган Холандија потврдува дека е отворена земја кон светот, со почит за секој нејзин жител.

– Сакавме, исто така, да избереме зборови, кои се во согласност со времето во кое живееме. Денес луѓето сѐ повеќе се поларизираат по повеќе основи, а слободата не е сѐ уште достапна за сите. Со слоганот „Отвори се“ ние топло им препорачуваме на луѓето да се отворат едни кон други, да прифатат различни мислења, приказни и секако музика – изјави Бекер на неодамнешната церемонија по повод официјалниот почеток на подготовките за следниот „Евросонг“.

Самиот фестивал, кој прерасна во еден од најголемите музички настани во светот, е создаден 10 години по Втората светска војна за да ги доближи европските држави преку музиката. И оттогаш бројот на новите учесници постојано се зголемува, сцената е отворена за нови таленти, а самиот избор збогатен со можностите на новите технологии. Следната 2020 година, на 65-годишнината од првиот фестивал, домаќин ќе биде Ротердам, по повод 80 години од бомбардирањето на градот од фашистичка Германија и 75 години од ослободувањето.

Јон Ола Санд, претставник на ЕБУ и супервизор на „Евровизија“, рече дека овој слоган е соодветен за јубилејот.

– Во 1956 година само 7 држави можеле да го следат фестивалот, а сега сме отворени кон целиот свет. Ние ги славиме различностите на секој од учесниците преку музиката – рече Санд.

Тој најави дека по завршувањето на евровизискиот натпревар следната година, на 12, 14 и на 16 мај, ќе се повлече од оваа функција, на која се наоѓа од 2011 г.
– Изминатата деценија што ја минав на чело на Европската радиодифузна унија (ЕБУ) беше фантастична и возбудлива, но време е да се вратам дома, во Норвешка.

Всушност јас сум дел од овој натпревар 20 години, прво како шеф на делегација на Норвешка, потоа како главен продуцент на изборот во Осло и од 2010 г. бев привилегиран да бидам капетан на бродот во Женева. Ротердам ќе биде мојот десетти избор како супервизор и време е да се вратам во својата земја – вели Ола Санд.
Инаку, Македонија го потврди своето учество на следниот „Евросонг“, а за начинот на изборот и за подготовките е задолжена Македонската телевизија, како носител на лиценцата за овој избор. Нашата земја ќе има и свој претставник на 17-от „Детски евросонг“, што ќе се одржи на 24 ноември во Гливице, Полска. Тоа е Мила Москов, ученичка во основното училиште „Кочо Рацин“ од Прилеп, која ќе ја пее песната „Fire“ на македонски и на англиски јазик, чии автори се Лазар Цветковски, кој ја напиша музиката, и неговата сестра Магдалена, која е текстописец, а спотот е дело на Даниел Јовевски.