Во Турција е отворен нов подводен парк музеј со 14 потонати бродови, кои лежат под Дарданелите и сведочат за жестоките битки меѓу османлиските и сојузничките сили во Првата светска војна.
Турскиот фотограф Савас Каракас беше еден од првите што се качи на моторен чамец, а потоа се нурна до подводната гробница, кога се отвори паркот. Таму, како што рече, успеал да го оживее споменот на неговиот дедо, кој бил учесник во битката кај Галиполе во 1915 година, пренесе „Ројтерс“.
Историскиот подводен парк Галиполе е отворен 106 години по битката, која е позната и како Битката кај Чанак кале. Во еден од најкрвавите конфликти во Првата светска војна, Османлиската Империја излегла како победник.
Имало околу половина милион жртви во поморските и копнените конфликти, откако османлиските и сојузничките германски сили ја запреле инвазијата на британските, француските, австралиските и новозеландските трупи, кои се обиделе да го освојат Цариград и да ја преземат контролата врз Босфорот и Дарданелите.
Големите британски загуби во овие битки го вклучуваат 120-метарскиот брод „ХМС Mаџестик“, кој е прва станица за нуркачи во паркот, на длабочина од 24 метри од брегот на Седулбахир, каде што се наоѓаат овој и другите пловни објекти, претежно недопрени, на морското дно.