Интернационалниот фестивал „Охрид-фест – Охридски трубадури“ по 28. пат распишува конкурс за нови композиции, кои ќе го имаат премиерното издание на 9, 10 и 11 септември, на сцената на Долни Сарај во Охрид.
– Искрено се надеваме дека состојбата со пандемијата ќе се среди и дека ќе има три фестивалски вечери: фолк, поп и интернационалната вечер. Фолк-вечерта ќе се случува на 9 септември и, освен новосоздадени фолк песни од нашата земја, со свои нови композиции ќе може да учествуваат и странски автори – од регионот и пошироко. Поп-вечерта е закажана за 10 септември, а финалната, интернационалната вечер, за 11 септември 2021 година – велат организаторите.
На конкурсот може да учествуваат сите домашни и странски автори што ги исполнуваат условите за учеството, а рокот за поднесување пријави е до 15 април 2021 година. Заинтересираните за учество треба да ги исполнат следните услови: да се испратат демо-снимка и текст на македонски јазик; наслов на композицијата; назнака – за која фестивалска вечер е наменета песната (поп, фолк, интернационална); композициите претходно да не се изведувани; податоци за авторите (име, презиме, авторската улога во тимот) и информации за контакт. Годинава фестивалот им дава голема поддршка на дебитантите, на новите музички сили, кои ќе имаат можност да настапат на фолк и на поп-вечерта. Демо-снимките од нивните композиции е потребно да бидат со придружи инструменти, пијано и гитара.