Денеска по петти пат во Центарот за култура ќе се одржи Отворениот ден на мултикултурализмот во општината Кичево, кој го организира здружението за развој на граѓанското општество „Вредит да си од Кичево“.
Како и претходните години, и годинава отворениот ден ќе биде збогатен со повеќе содржини, од изложба на народни носии, културно-забавна програма, до дегустација на традиционални кулинарски специјалитети од сите етнички заедници што живеат во оваа општина.

– Ќе има и изложба на народни носии од сите етнички заедници од овој крај: македонска, албанска, ромска, влашка, турска, мијачка, шопска и други.
Во културно-уметничката програма ќе настапат и ученици од основното училиште од Крушево, кои ќе изведат повеќе традиционални влашки песни, додека деца од ромската националност ќе изведат повеќе песни својствени за оваа етничка заедница.
Овој настан ќе биде заокружен со дегустација на традиционални кулинарски специјалитети од сите етнички заедници: македонската, албанската, турската, ромската, српската и влашката кујна – истакна Ирина Стојаноска од здружението „Вредит да си од Кичево“. З.А.