Во Европската Унија се наоѓаат осум од десет најлоши аеродроми во светот, покажа новото истражување на „ЕрХелп“, групација за заштита на правата на патниците, пренесува Еурактив. Истовремено, од 10 најдобри аеродроми во светот, само три се во ЕУ.

Најлошите аеродроми во ЕУ се во Франција, Малта, Холандија, Португалија, Романија и Велика Британија. Ранг листата е направена врз основа на официјалните податоци за летовите, а истражувањето опфатило 40 илјади патници.

„ЕрХелп“ заклучила дека аеродромот „Портела“ во Лисабон е најлош меѓу 132 аеродроми во светот кои се опфатени со истражувањето.

Аеродромот во Ајдховен е на 130-то место на листата најдобри аеродроми во светот, аеродромот во Букурешт на 129-то место, аеродромот на Малта е на 128-мо место, во Манчестер на 127-мо место, парискиот аеродром „Орли“ е на 126-тото место, аеродромот во Порто е на 125-то место, а лондонскиот „Гетвик“ на 123-то место.

Како критериуми се оценувани доцнењето на летовите, хигиената, времето на чекање на шалтерите, работата на службата за корисници.

Истражувањето покажало дека најдобар аеродром во светот, како и лани, е катарскиот меѓународен аеродром „Хамад“, а следи аеродромот во Токио.

Меѓу десетте најдобри само три се во ЕУ и тоа во Атина, Гдањск и Тенерифе.