Држава: Нов Зеланд
Жители: 1.600
Површина: 261 квадратен метар

Вљубениците во вселената, ноќното небо или вистинските романтичари би можеле да почнат да размислуваат еден ден, кога светот повторено ќе почне да пулсира во вообичаениот ритам, да го посетат малиот остров Ниуе, кој според многумина е најдоброто место на планетата за гледање во ѕвездите.
Овој полинезиски остров се наоѓа на половина пат меѓу Фиџи и Куковите Острови, а признание доби од Меѓународното здружение за темно небо, организација што работи на запирање на светлосното загадување и им дава на луѓето поголеми можности да ги видат ѕвездите.

– Ѕвездите и ноќното небо имаат големо значење за начинот на живот во Ниуе од аспект на културата, животната средина и здравјето. Статусот на нација на темно небо ќе помогне да го заштитиме нашето небо за следните генерации, како и за туристите што доаѓаат во нашата земја – изјави Фелисити Болен, директорка на туристичка агенција во Ниуе.
Посветеноста на оваа земја за намалување на светлосното загадување е евидентна. Ниуе се обврза дека сите свои улични светилки ќе ги замени со енергетски, со помала емисија на светлина.

– Небото над Ниуе веќе со столетија се набљудува и се истражува. Статусот на нација на темното небо му додава важност на нашето традиционално учење и дава причини за обновување и делење на тоа знаење пред да се загуби – вели Миса Калутеа, заштитник на културното наследство на државата.
Ниуе има 1.600 жители и е една од најмалку посетуваните држави во светот. Овој корален остров има површина од 261 квадратен метар, автономен е и во слободна врска со Нов Зеланд. Тоа значи дека сите жители се државјани на Нов Зеланд. Повеќето посетители што доаѓаат тука го прават тоа токму преку оваа држава, бидејќи има само два лета неделно преку градот Окланд.

Сите заинтересирани туристи можат да ангажираат локален водич, а ако ноќе му се воодушевуваат на ѕвезденото небо, дење можат да се капат, да нуркаат или да посетат некоја од многубројните пештери.
ИДА ќе ја прослави Меѓународната недела на темното небо од 19 до 26 април годинава.