Во рамките на манифестацијата „Денови на Кроација рекордс во Скопје“, беше промовирано цедето „Зафир пее, Македонија пее“, а по повод 8 Септември, ќе биде реиздаден и албумот „Проста и строга македонска песна“, на кој Цветанка Трпкова чита песни од Блаже Конески во придружба на пијано на Љубомир Бранѓолица

Последниот албум на познатиот македонски композитор, писател, пејач и глумец Зафир Хаџиманов „Зафир пее, Македонија пее“ (Зафир пјева, Македонија пјева), редок креативен изблик, што по 35 години го реиздаде „Југотон Кроација рекордс“, ѝ беше претставен на македонската јавност на „Деновите на Кроација рекордс“ во Скопје. Иако го дочека неговото излегување и имаше голема желба пред своите почитувачи во Македонија да го промовира албумот, за жал Зафир Хаџиманов, почина на 27 март годинава од компликации на коронавирусот, и останаа уште многу нереализирани проекти и неиспеани песни. Но, неговиот аманет албумот да биде претставен и во Скопје е остварен.

– Зафир го сметаше ова издание за врв во својата кариера. Тој напиша музика за песните на големи македонски поети, но поради пандемијата лани промоцијата не се случи. Неодамнешната државна награда што му беше доделена постхумно, беше мотив да го претставиме ова ретко издание пред неговите почитувачи и обожаватели во земјава – рече Иван Беќковиќ, претставникот на „Кроација рекродс“ во Македонија, на вчерашната прес-конференција.

Никола Кнежевиќ, уредник во „Кроација рекордс“, најголемата дискографска куќа во регионот, најави дека можеби цедето „Зафир пее , Македонија пее“ ќе биде издадено и на винил.

– Зафир го дочека изданието, но не и промоцијата во своето Скопје. Несомнено Хаџиманов е национално богатство на Македонија, која ја задолжи со своја авторска музика и со се што направил, а тоа навистина е многу – рече Кнежевиќ.

Во интервјуто за „Нова Македонија“ од 19 август 2020 година, по повод новото цеде, Зафир Хаџиманов изјави дека овој албум е нешто највредно што го изнедрил.

– Секој стих, од првата до последната шансона на ова цеде е вистински бисер, а мојата музика и пеење само го облагородуваат и милуваат. Славе Димитров со своите аранжмани ги опточи со злато овие бисер-песни, на што сум му многу благодарен, како и на издавачот за обновената доверба кон мојот сон. Албумот своевремено е реализиран во соработка со музичката продукција на МРТ. Тука може да се слушне и трубата на Благој Чешларов, Милка Герасимова (која неодмана почина, н.з.) е тон-мајстор, а уредник на изданието е познатиот композитор, аниматор и промотер Вилибалд Чаклец. Се надевам дека конечно во Македонија овој албум и едукативен проект ќе заживее, бидејќи сметам дека секоја куќа би требало да го има, како книгите на Кочо Рацин и на Блаже Конески – изјави во оваа прилика Хаџиманов.

Бидејќи албумот веќе може да се најде во повеќе продавници во земјава, се надеваме дека неговата желба ќе се исполни.

Проста и строга македонска песна

„Кроација рекордс“ со реализирање на уште еден проект, ги направи горди Македонците. На 8 Септември, на денот на државноста, ќе излезе реизданието на носачот на звук „Проста и строга македонска песна“, на кој поезија на Блаже Конески чита Цветанка Трпкова, во придружба на пијано на Љубомир Бранѓолица.

– Со гордост сакам да најавам уште едно издание на „Кроација рекордс“, кое излегува наскоро со поддршка и на Владата на Македонија, тоа е плочата и цеде „Проста и строга македонска песна“, во чест на 100 години од раѓањето на Блаже Конески. Воедно се одбележуваат 40 години од издавањето на албумот, кој во рамките на придружната програма ќе биде претставен и на Струшките вечери на поезијата, на 23 август. Неодамна му се јавив на маестро Бранѓолица и му ја соопштив новината, беше пресреќен – рече Беќковиќ на прес-конференцијата.

Никола Кнежевиќ додаде дека кога Иван ги известил за големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на великанот Блаже Конески, во „Кроација рекордс“ одлучиле да го резидадат албумот, бидејќи е уште еден придонес во одбележувањето на јубилејот.

На прес-конференцијата од понудата на хрватската дискографска куќа беше претставен и албумот на групата „Љубојна“, кој според Кнежевиќ е со врвен квалитет, а тој најави уште еден носач на звук на Влатко Стефановски што е во подготовка, плоча со филмска музика.

– Станува збор за двоен винил со филмска музика на Влатко Стефановски, а и неговиот последен албум „Taftalidze Shuffle“, одлично помина кај публиката и распродаден е првиот тираж. Несомнено Стефановски сѐ што ќе допре е феномално и тој залсужува посебен третман во „Кроација рекродс“ – вели Кнежевиќ.

Тој најави уште проекти со македонски изведувачи, меѓу кои и одбележување на 100 години од раѓањето на Александар Сариевски и на Васка Илиева со носачи на звук следната година.

Никола Кнежевиќ ги претстави и новите плочи на куќата, за кои како што рече се се позаинтересирани и младите љубители на музиката.

– Наши најголеми адути периодов се четирите изданија од едицијата „Новиот бран – 40 години подоцна“ („Пакет аранжман“, „Шарло Акробата“ – „Бистрији или тупљи човек бива кад…“, како и деби-проектите на „Електрични оргазам“ и „Хаустор“), чие четврто издание се печати, како и, „Angel’s Breath“ последното што го направи Младен Младеновиќ од „Екатерина Велика“, реизданија на албуми на групата „Тајм“, луксузно резидание на „Овај свет се мења“ на Бајага и Инструктори, „Модра ријека“ на „Индекси“, ремек-дело на прогресивниот рок, албум од тајниот концерт на „Бијело дугме“ на 5 април 1981 година во „Кулушиќ“, нов албум на Зоран Предин, „Одбрана и последњи дани“ на групата „Идоли“, албуми на „Електрични оргазам“…

Свежината на новиот бран

Во вторникот во Кинотека, беше приикажан и докуметарцеот на Кнежевиќ „Новиот бран – 40 години подоцна“.

– Филмот во тешки пандемиски услови го реализираше тим од прекрасни луѓе, а секако, изданието не би постоело без самите актери на „Новиот бран“. За жал, некои веќе не се меѓу нас, а некои не се во најдобра здравствена состојба. Бранко Гавриќ, кој ја дизајнираше обвивката и ѝ го даде името на плочата „Пакет аранжман“, за жал почина оваа година. Јура Стублиќ и Јасенко Хоура исто така не можеа да дадат изјава заради пандемијата. Иако со доста пречки, сѐ се одвиваше спонтано и едноставно филмот мораше да се сними – вели авторот.

Филмот премиерно беше прикажан на СМС телевизија, првиот ден кога излезе винилот „Новиот бран – 40 години подоцна“. По Скопје, ќе се прикаже во Винковци на фестивал на музички документарци, а потоа и во Тузла, Босна и Херцеговина. Им благодарам на сите што го живеат новиот бран и денес , што го сакаат и слушаат. Знам дека не треба да се враќаме назад, но ако нешто било толку брилијантно, тоа е музика што заслужува да живее вечно – вели Кнежевиќ.