Слоганот на „Евровизија 2019“, која годинава ќе се одржи во Тел Авив, Израел, на 14, 16 и 18 мај, е „Осмели се да сонуваш“, соопшти Џон Ола Санд, супервизорот на фестивалот.

– Слоганот ги претставува вредностите на „Евровизија“, а тоа се: инклузивноста, различностите и единството. Ние сме среќни што и визуелниот изглед на евровизискиот плакат совршено ја дополнува оваа порака со фантастичниот дизајн, на кој доминира Давидовата ѕвезда, симболот на Израел, прикажана со неколку триаголници, дело на Флоријан Видер. Се надеваме дека креативното дизајнерско решение за годинашниот натпревар ќе ги инспирира 42-та натпреварувачи што ќе дојдат во мај во Тел Авив да се осмелат да сонуваат да станат ѕвезди на иднината – изјави Санд по состанокот со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, со кого разговараше за деталите поврзани со организирањето на оваа престижна манифестација.

Можноста на Израел повторно да го организира најголемото музичко шоу во Европа му ја донесе Нета, со победата на „Евровизија 2018“, во Лисабон, Португалија, со песната „Toy“.

– Да бидеш на сцената, да се осмелиш да сонуваш и да победиш на „Евросонг“, значи да бидеш храбар и да имаш самодоверба додека пееш пред милионскиот аудиториум низ светот. Тоа го направи Нета во Лисабон, таа имаше сон да ја донесе „Евровизија“ во Израел и успеа во тоа – додаде Санд.

Инаку, слоганот под кој се одржува фестивалот е еден од неговите најважни делови веќе 17 години. Го избира домаќинот и тој е присутен насекаде. Оваа традиција почна во 2002 година во Естонија, кога фестивалот се одржа под слоганот „Модерна бајка“.
Еден од 42-та учесници на „Евровизија 2019“ е и Македонија, а МРТ е носител на лиценцата. Кој ќе нѐ претставува во Тел Авив ќе дознаеме наскоро.