Рјуичи Сакамото јапонскиот оскаровец, композитор и поп музичар се лекува од рак на дебело црево. Ова следува седум години откако шеесет и деветгодишниот музичар се излекува од рак на грлото, пренесуваат светски медиуми.

– Веста беше обесхрабрувачка, но благодарение на докторите, операцијата помина успешно. Поради овие околности, долгите патувања за работа ќе бидат тешки. Сепак, ќе продолжам да работам колку што можам. Отсега, ќе живеам заедно со ракот, но се надевам дека ќе создавам музика уште малку – објавил Сакамото на неговата официјална интернет-страница.

Сакамото е еден од најпознатите музичари во Јапонија. Во доцните седумдесети години од минатиот век, тој се прослави со електронската поп група „Јелоу меџик оркестра“.

Тој снимил 19 соло албуми и соработувал со Брајан Вилсон, Иги Поп и Дејвид Брн. Сакамото компонираше музика за филмовите на Педро Алмодовар, Оливер Стоун и на Алехандро Ињариту. Тој го исвои наградите „оскар“, „златен глобус“ и „греми“ за музиката за филмот „Последниот император“ на Бернардо Бертолучи од 1987 година.