Свеченоста за доделувањето на „оскарите“ на 25 април ќе се одвива на повеќе локации, а не само од театарот „Долби“ во Лос Анџелес, како што е вообичаено, соопшти Американската академија за филмски науки и уметности, пренесуваат светските медиуми.

– Оваа година, академијата донесе одлука да ги додели „оскарите“, а воедно да даде приоритет на јавното здравје и на безбедноста, на сите што ќе учествуваат. Истовремено, целта ни е да создадеме манифестација која нашата светска публика ќе сака да ја види, прилагодувајќи се на барањата на пандемијата. Свеченоста ќе се емитува во живо од повеќе локации, вклучително и од театарот „Долби“. Со нетрпение очекуваме да споделиме повеќе детали, но тоа ќе биде наскоро – пишува во соопштението на Американската академија за филмски науки и уметности.

Годинешното одржување на церемонијата ќе биде два месеца подоцна од вообичаеното, е замислено како своевидна комбинација од класичен ТВ-пренос, видеоврски со ѕвездите и пренос преку интернет. „Оскарите“ се најгледаниот забавен настан во САД, покрај наградите „еми“, „ греми“ и „златните глобуси“.

И покрај минатогодишниот рејтинг, од минимални 23 милиони гледачи за оваа манифестрација, доделувањето на „оскарите“ е на второ место по телевизиската гледаност веднаш зад Суперболот во НФЛ-лигата во американски фудбал.

По една година страдања, филмската индустрија се надева дека церемонијата на доделување на „оскарите“ ќе биде гламурозна, а не само скромна забава.