Иако современите филмови добиваат номинации за „оскар“ за најдобра костимографија, ретко освојуваат

Колку е важна костимографијата за еден филм најдобро говори списокот со најдобрите наградени костими на „оскарите“. Во март 1949 година е доделен првиот оскар за костим. Всушност биле доделени два „оскара“, еден за најдобар дизајн на костим во црно-бел филм, а другиот за најдобар костим во филм во боја, со оглед на тоа што тогаш се снимале филмови во двете техники.
Истата година, Роџер К. Фурсе доби „оскар“ за костим во Хамлет (црно-бело), додека Дороти Џакинс и Барбара Карин ја освоија престижната награда за костим на „Јованка Орлеанка“ за филм во боја.

Од 1967 година официјално постои само една категорија, со оглед на тоа што црно-белите филмови се дел од минатото.

Интересно е дека наградите за костимографија најчесто ги добиваат филмови со историска тематика. Секако за епохите, кои се сместени неколку века, па и децении наназад, треба да се вложи многу поголем труд за да биде соодветно и веродостојно прикажан периодот. Тоа не значи дека филмовите чие дејство е сместено во иднината не заслужуваат внимание. Но до жирито на Американската филмска академија оваа тематика не допира многу.

Современиот филм и „оскарите“

Кога е во прашање современата кинематографија, костими се користени само во филмот „Патувањата со мојата тетка“ во 1972 година, костимографија на Ентони Поуел, и „Авантурите на Прискила, кралицата на пустината“ во 1994 г., костимографија на Лизи Гардинер и Тим Чапел.

Иако современите филмови добиваат номинации, ретко ги освојуваат. Гореспоменатите два наслова се исклучок, единствено затоа што костимите се доста футуристички.
Од 1967-та до денес, четири филма од овој жанр ја добија наградата: „Војна на ѕвездите“ (1977), костимограф Џон Мола, „Господарот на прстените: враќање на кралот“ (2003) на костимографите Нил Диксон и Ричард Тејлор, „Алиса во земјата на чудата“ (2010) на дизајнерот на костимите Колин Атвуд и „Лудиот Макс: бесниот пат“ (2015) на Џени Биван.

Неправилно изоставени и заслужено наградени

Со оглед на тоа дека до 1948-та немаше награди за костими, некои навистина важни филмови и дизајнери на костими не добија признание за нивната навистина извонредна работа, како што се Волтер Планкет и Адријан за филмовите „Однесени од виорот“ и „Волшебникот од Оз“. Додека познатата Едит Хед, костимографка со најмногу „оскари“ во историјата, најверојатно ќе соберела уште неколку доколку овој тип награда бил воведен порано.

Малку познати и дефинитивно неправедно изоставени костимографи што не добија признание за својата работа се: Рене Хаберт за „Џејн Ер“ (1943), како и „Дет Хамилтон вомен“ (1941) и „Оган над Англија“ (1937), Ирина Ленц за „Сликата на Доријан Греј“ (1945), „Да се најдеме во Сент Луис“(1944) и „Ду Бери беше дама“ (1943); како и костимографот Мило Андерсон, кој дизајнира костими за „Рапсодијата во сино“ (1945), „Јенки Додл Денди“ (1942) и „Авантурите на Робин Худ“ (1938).

Сепак, имајќи ги предвид сите горенаведени ставки, некои од „оскарите“ доделени за костими во последните неколку децении се доста изненадувачки. Иако станува збор за историски костимирани епохи, костимите во овие филмови не се особено добри. Тука станува збор за „Англискиот пациент“ во 1996-та и „Авијатичарот“ од 2004-та.
Оние што заслужено ја имаат освоено престижна златна статуа се Мајкл О’Конор за „Војвотката“ (2008), Габриела Пескучи за „Ерата на невиноста“ и Џејмс Ачесон за „Опасни врски“ (1988).

Станува збор за раскошни историски носии, кои имаа огромно влијание на големото платно и без нив приказната не би била толку впечатлива и целиот филм не би привлекол толкаво внимание.

И кога сè е сумирано, се доаѓа до заклучокот зошто историските епохи (особено оние далечните) секогаш се повеќе наградувани на „оскарите“. Причината е едноставна: без добри костими, многу е тешко да се долови самата приказна во некое далечно време.

Секако, комплетниот уметнички впечаток е еднакво важен, но на крајот поголемиот дел од нашето внимание, сепак, е на самите ликови. Ако зад овие ликови стои само бел или црн ѕид, како што понекогаш е случај и во театрите, а ликовите се облечени во соодветни костуми, приказната лесно може да се транспонира во одредена епоха, тоа е ефектот на добриот костим.