Славниот пешачки премин кај музичкото студио на лондонскиот Еби Роуд конечно доби свеж слој бела боја, благодарение на празните улици во британската метропола, поради пандемијата на коронавирусот. Откако легендарните „Битлси“ го објавија својот 11. студиски албум „Abbey Road“, на чија обвивка е нивна фотографија на уличниот премин што води до истоименото студио „Еби Роуд“, секој турист што ќе го посети Лондон сака да го види ова веќе култно место и да се фотографира во стилот на сега веќе историската фотографија на Џон Ленон, Пол Макартни, Џорџ Харисон и Ринго Стар, пишува магазинот „Варајати“.

Ова место во 2010 година е прогласено за национална знаменитост и секоја година го посетуваат над 300.000 обожаватели на „Битлси“. Фотографијата, која е ставена на обвивката на албумот „Abbey Road“, била петта од шесте снимки, што фотографот Иан Мекмилан ги снимил на 8 август 1969 година. За да ја прослават 50-годишнината од снимањето, илјадници обожаватели на „Бубачките“ лани дојдоа токму на ова место.
Пешачкиот премин го освежи екипата за одржување на улиците на Лондон и тој ќе биде ставен во функција неделава.