Неколку светски гејмерски организации бараат од Светската здравствена организација (СЗО) да ја повлече одлуката дека зависноста од видеоигри може да се класифицира како ментална болест.

СЗО викендов официјално соопшти дека зависноста од видеоигри е болест во 11-тото издание на Меѓународната класификација на болести (ИЦД-11).

По објавата, неколку организации кои се дел од асоцијациите за видеоигри се обратија до СЗО во соопштение во кое велат дека за да се класифицира зависноста од видеоигри како болест мора да постојат повеќе докази.

– Глобалната индустрија за видеоигри, во која се вклучени претставници од Европа, САД, Канада, Австралија, Нов Зеланд, Јужна Кореа, Јужна Африка и Бразил, денес ги повикува земјите членки на Светската здравствена организација (СЗО) да ја преиспитаат својата одлука за класификација на „зависноста од видеоигри“ како психолошко нарушување – се вели во соопштението.

Дополнително, тие во соопштението кажуваат дека СЗО е еминентна организација и своите информации мора да ги базира врз редовни, инклузивни и транспарентни докази кои ќе бидат покрепени од независни експерти и сметаат дека ова, т.н. „заболување“ не се темели врз доволно цврсти докази.