Луѓето ја уништуваат природата со досега невидена брзина, е заклучокот на групата за заштита на Светскиот фонд за природа (ВВФ), пренесува Би-би-си. Загрижувачки е што популацијата на диви животни е намалена за повеќе од две третини на глобално ниво и што катастрофалниот пад не покажува знаци на забавување, пишува во извештајот на ВВФ.

Оваа организација во својот извештај објавила дека популацијата на цицачите, птиците, рибите, водоземците и влекачите се намалила во просек за 68 проценти од 1970 година. Извештајот опфаќа илјадници различни животински видови кои научниците ги набљудувале во нивните природни живеалишта.

– Главната причина за ова е уништувањето на живеалиштата поради сечењето шуми заради производството на храна – се наведвува во извештајот, прецизирајќи дека во изминатите 20 години се загубени речиси два милиона квадратни километри земјиште. Најголемите уништувања се направени во тропските области, како што се Јужна Америка и Карибите, стои во извештајот на ВВФ.

– Дивиот свет е опаѓање бидејќи ги палиме шумите, ги уништуваме природните предели и прекумерно ловиме риби во морињата. Го уништуваме нашиот свет и со тоа ги ризикуваме здравјето, безбедноста и опстанокот на Земјата. Природата испраќа очајнички повик за помош, а времето истекува“, вели Танја Стил, извршната директорка на ВВФ.