Опасните медузи, поради кои минатата година беа затворени три плажи во шпанското одморалиште Бенидорм, беа забележани на брегот на Марбелја.
Градските власти им наредиле на стражарите на плажите да внимаваат на медузата позната како португалски крстосувач.
Стражарите мора да бидат подготвени за да обезбедат итна медицинска помош ако некој дојде во контакт со медузата, јавуваат шпанските медиуми.
Имено, оваа година врвот на сезоната за капење во Марбелја е одложен поради пандемијата на коронавирусот, а на плажите нема многу пливачи.
Португалскиот крстосувач е познат по тоа што може да го парализира организмот со кој доаѓа во контакт. Со своите пипала ги парализира рибите со кои се храни.
Нејзините пипала достигнуваат должина и до 30 метри, а по болното жарење може да се случи парализа, која најмногу ги плаши луѓето. Иако живее во тропски води, понекогаш се јавува во умерени зони, а на плажите често предизвикува паника кај пливачите.