Познатиот стрип „Алан Форд“ ја слави 50-годишнината од излегувањето на првиот број во Италија, а анимираните јунаци од групата ТНТ и нивната препознатлива сатира и натаму се популарни на просторот на поранешна Југославија.

Приказна во стрипот ги следи авантурите на тајните агенти од групата ТНТ (Број еден, Алан Форд, Боб Рок, Сер Оливер, Грунф…) чие седиште се наоѓа во една цвеќарница во Њујорк. Иако овие агенти се неспособни и мрзеливи, сепак кога станува збор за нивните сопствени интереси тие се интелегентни и итри, и секогаш го добиваат тоа што го сакаат.

„Подобро да се живее 100 години како милионер, отколку седум дена во беда“ „Влезот слободен, излезот се наплатува“, „Не се предавај никогаш, освен кога мораш“, „Мене најмногу ќе ме погоди сопствената смрт“, „Подобро е нечесното бегство, отколку чесниот пораз“, „Ако сакаш да победиш, не смееш да изгубиш“, „Крадам од сиромашните, за да им дадам на богатите“, „Кој спие, не е буден“ се дел од познатите цитати во култниот стрип.

Стрипот создаден од авторскиот пар – сценаристот Лучијано Секи и илустраторот Роберто Равиола, кои беа познати под псевдонимите Макс Банкер и Магнус, во Италија почна да се издава во мај 1969 година (мал формат во обем од 120 страници), а стекна култен статус на просторот на поранешна Југославија, каде што почна да излегува во 1972 година.

Доказ за ваквите тврдења претставува и поставувањето на изложбата посветена на „Алан Форд“ во Националната галерија во Љубљана, која беше отворена минатата среда. Поставката насловена „Алан Форд го трча почесниот круг“ е најголема уште од изложбата во Рим одржана пред две години.

Во Македонија првите достапни изданија на „Алан Форд“ беа на српскохрватски јазик, во издание на „Вијесник“ од Загреб, во седумдесеттите години на минатиот век, а од септември 2008 година, стрипот почна да излегува и на македонски јазик.