„Би сакала да живеам вечно, бидејќи животот за мене секогаш бил чудо. Така и го живеев – како морска авантура во која пловидбата некогаш е мирна, топла и сончева, некогаш немирна и мрачна, прекриена со тешки облаци. Меѓутоа, никогаш не ја загубив радоста во себе, бидејќи среќата не е надвор од нас, не зависи од надворешните околности, како што луѓето најчесто мислат, туку од нашите лични чувства. Затоа отсекогаш ги паметам само убавите настани. Денеска не жалам по ништо – ги проживеав сите свои соништа, сакав и бев сакана. Снимав филмови што ми се допаѓаа, се дружев со прекрасни луѓе. Сѐ друго заборавив и верувам дека тоа е причина за мојата долговечност“.

Така зборуваше легендарната британско-американска актерка Оливија де Хевиленд во своето последно интервју од 2016 година, кога го прослави својот 100-ти роденден. Последната глумица од златното време на Холивуд, која со Кирк Даглас (исто така роден 1916 година) е единствен жив симбол на „фабриката на соништата“, неодамна наполни 103 години.

Незаборавната Мелани од филмот „Однесено од виорот“ и денес покажува дека нејзиното време не е поминато – понекогаш се појавува во јавноста, убава и елегантна како и секогаш. Таа својот живот го бележи во автобиографската книга што сѐ уште не е готова. Тука се сеќава на своите современици, кои одамна ја напуштија животната сцена, како нејзината блиска пријателка: Бет Дејвис, Ерол Флин со кого беше во љубовна врска, Ричард Бартон, кој се обиде да ја шармира, Ернест Хемингвеј,….

Иако не глуми со децении (последниот филм го сними во1970-тите), Оливија де Хевиленд е ѕвезда и за многу нови генерации филмофили, кои пораснаа со холивудските класици. Нејзината филмска оставина е огромна, снимила над 50 филма во кои соработувала со култни режисери и глумци. Таа двапати добила „оскар“ во 1946 и 1949 година за улогите во филмовите „Секому своето“, и „Наследничка“, а остварила незаборавни улоги во: „Темно огледало“, „Мојата роднина Рахела“, „Тивко, тивко Шарлота“, „Робин Худ“, „Горделив бунтовник“…

– Филмот е паралелен живот – полн со возбуда, неочекувани нешта, ти дава можности да бидеш сѐ што сакаш, од кралица до уличарка, да бидеш во своето, но и во некое друго време. А кога светлата ќе се изгаснат, да се вратиш во реалниот живот. Зарем тоа не е фантастично – вели глумицата, која пред десетина дена угасна 103 свеќички на својата роденденска торта.


Вечно ривалство меѓу сестрите

Оливија де Хевиленд е родена на 1 јули 1916 година во Токио, а нејзиниот приватен живот го одбележаа два брака – со романописецот и новинар Маркус Гудрич, со кого има син и со Пјер Галанет, уредникот на „Паримач“, кого го запознала на Канскиот фестивал и по венчавката во 1955 година се преселила во Париз. Една од клучните личности во животот на Оливија е нејзината родена сестра, глумицата Џоан Фонтејн. Ривалството меѓу нив навлегувало и во љубовните врски, бидејќи имале исти додворувачи: Ерол Флин и Хауард Хјуз, а и првиот сопруг на Џоан, најпрво бил во врска со Оливија.