Запознајте ја Олде, најстариот пингвин во светот. Нејзиното име во превод од дански значи „голема баба“. Олде и официјално влезе во Гинисовата книга на рекорди како најстариот пингвин во заробеништво во светот.
Откако на 14 октомври наполни 41 година, баба Олде влезе во Гинисовата книга на рекорди како најстариот пингвин во светот. Олде од зоолошката градина во градот Одензе во Данска му припаѓа на еден вид папуански пингвин, кој потекнува од субантарктичките острови и обично живее помеѓу 10 и 20 години.
Целата зоолошка градина е горда на Олде, за која тврдат дека е тивка и мирна. Поради староста, Олде сега има малку поинаков третман во споредба со другите пингвини, па нејзината риба се служи одделно, за да не мора да ја дели со помладите пингвини.
Овој вид е лесно препознатлив по широкиот бел дезен на пердувите на главата. Младенчињата папуански пингвини се сиви од задниот дел и бели од предната страна. Возрасните папуански пингвини достигнуваат просечна висина од околу 80 сантиметри. Тие се многу брзи под вода, достигнувајќи брзина од 27 километри на час и длабочина околу 100 метри.