Првпат работам на балетска претстава и слободно можам да кажам дека многу успешно се справив со предизвикот, вели дизајнерката

Модната дизајнерка Олгица Ѓоргиева, по балетската претстава „Електра“ минатото лето на островот Сирос, во најстариот театар во Грција, работеше на костимографија за балетска претстава „Амадеус“ во Австрија, чија премиера беше во Ст. Полтен, Австрија, и во Сан Ремо во Италија. Претставата ќе биде претставена и во повеќе европски држави.
– Првпат работам на балетска претстава и слободно можам да кажам дека многу успешно се справив со предизвикот. Сигурно дека овде имаше големо влијание и моето долгогодишно искуство во мојата работа, од секој аспект, инвестицијата во себе како личност и уште многу други аспекти, кои ми дадоа една слобода во комуникација и реализацијата на овој проект. Тоа особено ми е драго, затоа што на тој начин бев отворена да го соберам целото ново искуство што стоеше пред мене – вели Олгица.
Таа вели дека модниот дизајн е многу поинаков за разлика од изработка на костимографија. Односно, при изработката на костимографијата ѝ биле потребни координација со режисерот, задоволување одредени параметри на сцена, параметри во однос на улогите и ликовите во претставата, поклопување приказни, задоволување временски рамки, а сепак да се даде личен печат.

– И покрај тоа што станува збор за класика, самиот режисер е тип на режисер што внесува многу модерни моменти во претставата, така што тоа на некој начин се бараше и од мене. Веќе имав зададена тема, ми беа презентирани ликовите и сцените, и на некој начин тоа беше почеток на инспирацијата. Пробав да задржам една линија специфична за тоа време, но исто така спојот што го направив беше една поинаква верзија, модерна верзија на класика, која беше доста интересна за публиката таму. Ова за мене е едно искуство плус и сум благодарна поради тоа. Секој нареден проект од ваков тип сигурно ќе биде полесен – начин на работа, ниво, структура, многу практични работи на сцена, поставеност и организација на целиот тим, контакти, луѓе, искуства – додава Ѓоргиева,

Кога си уметник, ти си уметник во секој дел од животот и секој проект за тебе претставува предизвик, смета таа.

– Дразбите се насекаде околу нас, понекогаш природни, понекогаш не. Јас се научив низ годините да функционирам и на едниот и на другиот начин. Понекогаш идеите доаѓаат спонтано, понекогаш кога станува збор за тимска работа сте условени од многу фактори, понекогаш си принуден да работиш на одреден проект. Но на крајот сѐ завршува со зборот уметност, кој на некој начин претставува магија составена од различни состојки – вели Олгица.

Таа во меѓувреме работи на својата нова колекција, како и на колекција на автентични маички.

– Некои од маичките веќе беа промовирани на моите минати колекции, а некои се нови. Сакав да ги спојам во едно и да направам една мини-колекција што ќе биде достапна до моите клиенти. Летниот период најмногу ги практикуваме, а особено кога се оригинални и носат некој личен печат е уште поинтересно. Секоја маичка си носи своја приказна, така што секој клиент сигурно ќе си се пронајде во некоја од нив. Во наредниот период сум фокусирана на моето ново ателје, на затворање една фаза и преминување на наредна. Креативно сум исполнета – додава дизајнерката.