Новото глобално истражување открива дека мнозинството жени не се задоволни од големината на своите гради, откритие што може да има важни последици врз јавното здравство

Анкетата била спроведена за да се открие колку се задоволни жените од големината на нивните градите, а била предводена од професорот Вирен Свами од универзитетот „Англија Рускин“, кој собра над 100 меѓународни експерти за спроведување на истражување врз 18.541 жена во 40 земји, што го прави најголемо досега меѓукултурно истражување за испитување на телесната слика.

Објавено во списанието „Боди имиџ“, при истражувањето се открило дека 48 отсто од жените што учествувале сакале поголеми гради отколку што имаат во моментот, 23 отсто од жените сакале помали гради, а само 29 отсто од жените биле задоволни од големината на градите. Просечната (средна) возраст кај жените што учествувале во студијата била 34.

Жените што биле незадоволни од големината на градите признале дека поретко практикуваат самопреглед на дојка и затоа не ги забележувале секогаш промените со градите, што е важно за рано откривање карцином на дојка.

Студијата, исто така, открила дека незадоволството од големината на градите е поврзано со послаба психолошка состојба, вклучувајќи и пониско ниво на самодоверба и среќа, како и дека жените што не се задоволни од големината на своите гради поверојатно било дека се незадоволни од нивната тежина и од целокупниот изглед.

Се покажало дека жените во Бразил, Јапонија, Кина, Египет и во Велика Британија имаат најголемо незадоволство кога станува збор за големината на градите. Жените во Индија, Пакистан, Египет, Либан и Велика Британија имаат најголема идеална големина на градите, додека кај жените во Јапонија, Филипините, Германија, Австрија и Малезија е забележана најмала идеална големина на градите.