Само за еден месец прикажување, серијата „Бриџертон“ ги собори сите рекорди на гледаност на Нетфликс. Речиси сто милиони домаќинства ја гледале приказната за ќерката на моќно семејство што влегува на конкурентскиот пазар во Лондон во почетокот на 19 век, во потрага по иден сопруг

Сè за најгледаната серија „Бриџертон“ на Нетфликс

Во љубовта и во војната сè е дозволено, вели една стара народна поговорка, особено кога станува збор за сапунски опери. Заплетот на историската драма „Бриџертон“ е базиран на романите на Џулија Квин, „Бриџертон: виконтот што ме сакаше“, кој се фокусира на Дафне, најстарата ќерка на моќното семејство Бриџертон. Таа влегува во суровиот лондонски пазар во потрага по иден сопруг, каде што бракот е најважниот деловен потфат на семејствата што сакаат да го оплодат своето богатство.
Откога премиерно беше прикажана на 25 декември минатата година, серијата успеа да седне на тронот на гледачите само за еден месец. Осумдесет милиони домаќинства кликнале на озборувачката еротска драма, што беше доволно за да ја освои титулата за најгледана серија на Нетфликс на сите времиња, од каде што ја отстрани „Дамски гамбит“, необичната драма за шахистка од 1970-тите години. „Бриџертон“ на тој начин го потврди успехот на стариот рецепт за гледаност. Се состои од малку интриги и многу еротика, според сè уште постојното правило за маркетинг, кое вели дека сексот продава речиси сè.
Историскиот контекст во кој нè води серијата е времето кога браковите на нашите предци биле реализирани како резултат на семејни договори. На почетокот на 19 век, во високото британско општество, каде што владее лицемерство, осум браќа и сестри од семејството Бриџертон бараат љубов и среќа меѓу елитата во Лондон. Дафне (Фиби Диневор) сака да се омажи од љубов, додека војводата Хејстингс (Реге-Жан Пејџ) се заколнува дека никогаш нема да се ожени. Меѓу нив неочекувано се разгоруваат страсти што се надвор од контрола и од социјалните норми. Обединети во заедничка цел, Дафне и војводата Хејстингс глумат романса за да избегаат од прогонството на локалните додворувачи. Поминувајќи време заедно во лажна романса, тие ќе сфатат дека имаат многу повеќе заедничко од споделувањето на истиот презир кон неморалното општество, кое тајно го водат нивните страсти, додека проектираат сосема поинаква слика пред јавноста. Тоа е свет што личи на амбиентот на некоја изопачена „Пепелашка“, во која сите жени претежно личат на злобни сестри, борејќи се само за принцот на бел коњ.

Заплетот на серијата е духовит, непретенциозен и ја прикажува историската политика што се спроведува со векови околу машко-женските емоции. Тоа е време во кое ликовите со различни судбини биле водени кон должноста, љубовта и страста, времето на Наполеон, кога луѓето се украсувале со панделки, тантели и перики, време еднакво немилосрдно кон вишокот килограми, сиромаштијата и неуспехот. Исто како и денес.
Серијата е опишана како „неодоливи осум епизоди од првата сезона на украдени погледи и озборувања што се шират низ шепотења“. „Бриџертон“ е всушност „лесна“ верзија на „Опасни врски“ (1988), во која Џон Малкович го глуми виконтот Себастиен де Валмон. Најгледаната серија на американскиот стриминг-сервис нуди нешто полиберална визија за светот каков што бил во 19 век, каде што црнците се наоѓаат на важни функции. Таквиот амбиент ќе мора да се објасни во втората сезона на серијата.
Од Ромео и Јулија, па преку сите оние измислени забранети љубови за кои сме прочитале низ историјата на книжевноста или сме учеле преку филмови и телевизија, ништо не се сменило со текот на времето. Родителите секогаш бараат добри прилики за брак на своите деца, а младите не сакаат да паднат во стапицата на традицијата, туку се обидуваат слободно да ја консумираат својата љубов и да уживаат во телесните страсти, кои се разгоруваат пропорционално на интензитетот на забраните на родителите.

„Бриџертон“ докажува дека најлесниот начин да се добие масовна публика е лесната содржина, каде што им е дозволено да ѕирнат во спалните соби на другите луѓе. Затоа таблоидите се најпродавани, бидејќи таму секој може да избега од недостигот од страст во сопствениот живот, сонувајќи низ судбините на некои други луѓе. Не случајно настаните во серијата ги раскажува мистериозна колумнистка за озборувања (Џули Ендрус). Првата епизода почнува на денот кога сите лондонски девојки што сакаат да се венчаат мора да излезат и да ѝ се покажат на кралицата за да ја импресионираат. За оваа пригода, мајките ги затегнуваат корсетите на своите ќерки, додека други се обложуваат на резултатите од „брачниот риболов“. „Ако сакаш добро да се венчаш, насмевни се, драга моја“, е советот што мајките им го даваат на своите ќерки во „Бриџертон“.
Бидете сигурни дека авторката на серијата, нараторот и режисерот ќе ви ги покажат своите заби, кои ќе бидат толку остри, што нема да почувствувате ниту дека приказната ви се лизга под кожа, бидејќи како што вели нараторот: „Почитуван читателу, сигурно те познавам!“