Анализа на Универзитетот во Виена

Виенскиот универзитет за природни ресурси и биолошки науки (БОКУ), заедно со Институтот за истражување на влијанието на климата во Берлин, објави анализа за причините за емисиите на јаглерод диоксид. Резултатите од истражувањето беа објавени во стручното списание „Инвајорментал рисрч летерс“.
Тим од 30 реномирани научници од шест континенти исто така ги анализирал двигателите на емисиите на стакленички гасови, како што се економскиот раст, потрошувачката на енергија, енергетската ефикасност и јаглеродниот интензитет во периодот од 2000 до 2018 година. Истражувањето било спроведено во секторите енергија, индустрија, градежништво и транспорт.
Резултатите покажале дека емисиите на стакленички гасови ќе останат високи и во наредните години, иако пандемијата на ковид-19 доведе до краткорочен пад.
Според Виенскиот универзитет, од 2010 до 2018 година, глобалните емисии на стакленички гасови се зголемиле за 11 проценти, додека само во некои области, како што е енергетскиот сектор во Европа, е забележан значителен пад.
Глобалниот товарен транспорт се зголемил за 68 проценти во последните две децении. Најголем емитер е индустрискиот сектор, со 20,1 гигатони јаглерод диоксид во 2018 година, што е 35 проценти од вкупните емисии и 14 проценти повеќе отколку во 2010 година.
Потребата од обработливо земјиште придонесува и за климатските промени. За три децении, седум милиони километри квадратни шуми се исечени на глобалниот југ, што претставува речиси целата копнена површина на Австралија. Овие области сега произведуваат храна за Европа и за Кина.
– За да се ограничи глобалното затоплување во согласност со упатствата од Парискиот климатски договор, потребно е да се обезбеди одржлива употреба на земјиштето, да се ограничи прекумерната побарувачка, да се постигне високо ниво на енергетска ефикасност и да се запре употребата на фосилни горива – вели Вилијам Ламб, проект-менаџер во Берлинскиот институт.