Откако со своето „рено 4“ произведено во 1978 година лани појдоа од Стојаково и стасаа до Ница, овојпат планот на Џоко Шуклев и Ѓорѓи Николов е да стасаат во Пекинг.

Тие своите авантури, згоди и незгоди ги објавуваат на Фејсбук, на страницата „Од Стојаково до Ница со Рено 4″.

Сепак, во последниот пост, ги информираат своите илјадници обожаватели дека во моментов имаат проблем на кинеската граница, каде што не им дозволуваат влез во државата.

– Требало да имаме некоја туристичка агенција од Кина како гарант за влез во земјата, како и кинески шофер. Сето тоа е во ред, но нам никој во кинеската амбасада не ни го спомна ова, иако знаеја дека одиме со кола и дека крајна цел ни е Пекинг. Да знаевме ќе се подготвивме пред време за сѐ. Сакавме барем пешки да преминеме, но сега ни така не нѐ пуштаат. Ни велат да одиме во Монголија и оттаму да фатиме воз до Пекинг. Овде на граница сме веќе 14 часа – велат за ,,Нова Македонија” Ѓорѓи и Џоко.

Дали кинеските власти ќе им дозволат да ја остварат својата цел, останува да видиме.

Џоко и Ѓорѓи пишуваат дека каде и да се појават, ги воодушевуваат локалните жители со нивното возило старо 40 години, сите се фотографираат со олдтајмерот и со двајцата возачи.

Ако сѐ се одвива по план, тие треба да стасаат назад во Македонија во периодот од 10 до 15 август. А.П.