Брижит Бардо и нејзината екстремна трансформација

Брижит Бардо, убавица и икона на поп-културата што својот мир го најде на Азурниот Брег во Сент Тропе, е една од најголемите филмски ѕвезди од втората половина на 20 век и една од првите глобални секс-симболи, икона на поп-културата што ги популаризира бикините и русата коса, убавицата што сними повеќе од 40 филма и голем број музички дела. Во Сент Тропе живее веќе 50 години, каде што побегна од светот и луѓето.
– Луѓето ме повредија многупати. Длабоко. Само со животните, во природата, можам да го најдам сопствениот мир – пишува таа во својата мемоарски книга посветена на својата борба за права на животните „Лармес ду комбат“ или „Солзите на борбата“.
Од 1996 до денес, дури пет пати мораше да плати високи судски казни поради искажување расна нетрпеливост. Во 1996 г., во интервју за „Ле фигаро“, жестоко ги нападна исламот, исламската вера и култура. Причина за тоа беше обичајот на колење овци за празникот Курбан-бајрам. Своите негативни погледи кон муслиманите ги изнесе и во својата автобиографија. Во книгата ги напаѓа и хомосексуалците („евтини циркуски накази“), феминистките („се знае местото на жената“), невработените („кои работат на црно, а земаат од даночните обврзници“), школскиот систем („сите се дрогираат и имаат масна коса“). За што беше казнета повторно. Последниот пат заврши на суд кога нејзиното писмо во кое повторно зборува против муслиманските обичаи го испрати и до претседателот Никола Саркози во 2006 година.

Тогаш доби два месеци условна казна и 15.000 евра парична казна за поттикнување расна нетрпеливост. Судијата изјави дека му е доста од судења во кои мора да ја казнува Бардо поради расизам.
Нејзините ставови со годините стануваа сѐ поекстремни, а причината за трансформацијата од икона на либерализмот до екстремна десница многумина ја гледаат во нејзиниот четврт брак со Бернард Д’Одмале. Тој му беше советник на Жан Мари Ле Пен, лидер на екстремната десничарска партија Национален фронт. Бардо е блиска пријателка со неговата ќерка Мари Ле Пен, која од својот татко го наследи местото претседател на партијата и во 2017 се обиде да стане француска претседателка. Бардо во Мари ја гледа спасителката на Франција, новата Иванка Орлеанка. Исто така се огласи и за движењето „МиТу“. Во интервју за „Парис меч“ одговара за тоа што мисли за актерките што откриваат сексуално малтретирање во филмската индустрија.
– Во голем број случаи се дволични, смешни и неинтересни. Многу од нив им се додворуваат на продуцентите за да добијат улога. А потоа, за да се зборува за нив, ќе кажат дека биле малтретирани. Во реалноста, наместо да имаат корист, имаат повеќе штета. Никогаш не сум била жртва на сексуално малтретирање. Ми се допаѓаше кога ќе ми кажеа дека сум убава или дека имам мал убав задник. Таквите комплименти се драги – вели Бардо.

Со секој филм нејзиниот статус на секс-симбол се зацврстува, а со секоја нова улога, фотосесија и интервју расте бројот на обожавателите. Ја обожавале „Битлси“, Боб Дилан напишал песна за неа, жените ги копирале нејзините комбинации. Големата филозофка и хуманистка Симон де Бовоар ја прогласила Бардо за прва ослободена жена во повоена Франција. Во своето дело „Синдромот Лолита“, во 1959 г., Бардо ја нарекува „локомотива на историјата на жената“.
Бардо била во љубов со многумина, по бракот со Вадим се мажи уште трипати. Единственото свое дете, синот Николас, го раѓа во 1960 година. Подоцна признава дека никогаш не сакала да биде мајка и сакала да направи абортус. Кратко по пораѓањето, тогаш 25-годишната Бардо се обидела да се самоубие. Во својата биографија „Иницијали Б.Б.“ детално ја опишува битката со алкохолот и депресијата што ја довеле до обидот за самоубиство.
– Не можете да ги избегнете проблемите што следуваат по голема среќа – кажала тогаш. Вторпат се обидела да се самоубие во 1983, и тоа со комбинација на лекови и алкохол.
Иако долго размислувала за повлекување од светот на филмот, тоа го прави дури во 1973 г. Последниот нејзин филм е петти што ќе го сними со поранешниот сопруг Роџер Вадим. Тоа е еротската драма „Дон Жуан“, во која таа глуми голема заводничка. Така, симболично, ја завршува кариерата како икона на сексуалното ослободување. Многу малку луѓе очекуваа дека нејзина главна преокупација по завршувањето на кариерата ќе бидат животните.

– Својата младост и убавина им ги дадов на мажите. Сега своето искуство и мудрост, најдоброто од себе, им ги давам на животните – вели таа.
Во 1986 година ја основа фондацијата за грижа и заштита на животните. Се бори проти продажбата на кожа и крзна во Европа, против сечењето на опавчињата на кучињата, увозот на кожа од кучиња и мачки во Европа. Основала ветеринарни клиники, финансирала програми за кастрирање кучиња и мачки во Романија со што се спречувало нивно убивање. Им пишувала писма на угледни луѓе, претседатели и кралеви барајќи помош за спасување различни видови.