Треба да се има на ум дека за една ситуација не е крива младината, туку оној што ја расипал младината

Не гледам телевизија. Не читам весници. Не следам вести. Не читам книги. Не следам политика. Не гласам…
Ова се реченици што се слушаат често, и можеби нема да им се даде толкаво значење доколку не се кажани со гордост. Се изговараат со тон со каков што најчесто луѓето соопштуваат дека ги оставиле цигарите или дека воопшто не пушеле цел живот. Објаснувањето им е дека телевизијата, весниците или политиката го загадуваат менталниот простор толку многу што најдобро решение е изолацијата. Велат дека по половина час предизборна програма мозокот смрди како јакна по излегување во ноќен клуб. Прашање е кога преостанатите луѓе, валкани и порочни, кои следат телевизија и не пропуштаат гласање, ќе ја осознаат нивната универзална вистина.

Денешното општество недоволно ги осудува ваквите ставови, затоа и тие се изговараат со преголема гордост. Секој има право на свој став, но изолацијата од информации не е нормална, посебно кога подолго време се практикува.
Неможноста да се пробере, да се селектираат информациите, најчесто завршува со генерализација дека сите политичари се крадци, дека сите книги се досадни. Сите новинари се ѓубриња, на изборите излегуваат само будалите, а вестите ги следат само пасивните.

Од мрзливост се раѓа препотентно незнаење. Самата информираност ја бие лош глас, и не е проблем да се замисли општество во кое е пожелно да си глуп и зол.
Како неучеството и немањето интерес за општеството во кое живееме почна да се смета за позитивна работа? Површноста и незаинтересираноста со кои се пристапува кон општеството и политиката ќе станат проблем во иднина. Треба да се има на ум дека за една ситуација не е крива младината, туку оној што ја расипал младината.
За да се задржи власта на еден орган, нема подобра слика од младина што вредно го учи само она од што може да има непосредни материјални придобивки и што слободното време најчесто го поминува во вежбалница или одејќи во трговски центри, и редовно ги ажурира социјалните профили. Нарцизмот, наспроти социјалниот активизам, се смета за нешто најнормално во духот на ова време.

Упорноста на домашните медиуми и владејачките структури во изминатите децении со помош на дезинформираноста и потценувањето на својата публика, како и несоодветниот образовен систем, очекувано резултира со пасивни луѓе, кои гласањето го сметаат за кулминација на својот социјален ангажман. Сепак, дел од одговорноста на секој граѓанин, и оној што некритички размислува, е да размислува.