Најинтересните Гинисови рекорди

Од највисокиот човек, најдолгите нокти, до куче што оди наназад пет метри, Гинис собира епски светски рекорди повеќе од 60 години. Оваа книга и денес е многу популарна, а дисциплините се многубројни. Содржи многу вообичаени спортски дисциплини, но и многу необични и интересни. Постојат многубројни рекорди поврзани со храна, брзо јадење, изглед и слично. И оваа година се забележани неколку Гинисови рекорди, а ние ви ги претставуваме некои од најинтересните. Рекордот што дефинитивно ќе остане забележан е оној што го постави Британецот Гери Тарнер, кој кожата на стомакот може да ја истегне во должина од 15,8 сантиметри, а страда од ретка состојба наречена синдром Елерс-Данлос, нарушување на сврзното ткиво што влијае на кожата, лигаментите и на внатрешни органи.

Рекорд за најмногу решени Рубикови коцки под вода

Кучето Кота влезе во Гинисовата книга на рекорди во јуни годинава откако го сруши претходниот рекорд во одење наназад на пет метри. За само 2,42 секунди, кучето го надмина претходниот рекордер, кој истата должина ја помина за 6,73 секунди.
Екатерина Лисина од Русија го држи Гинисовиот рекорд бидејќи има најдолги нозе на светот. Нејзината лева нога е долга 132,8 сантиметри, а десната 132,2 сантиметри.
Тинејџерката Ниланши Пател од Индија го држи рекордот по тоа што морала да носи потпетици за да не оди по сопствената коса, чија должина достигнува дури два метра. Иако многумина сметаат дека толку долгата коса ѝ пречи при вршењето на секојдневни активности, таа вели дека тоа не е точно.
– Јас ретко ја пуштам. Морам да носам многу високи потпетици за да не се влече по подот. Затоа обично носам плетенка, а понекогаш и ја врзувам во пунџа. Имам проблем само при пливање – вели таа.
Индиецот Илајараам Секар го сруши Гинисовиот рекорд за најмногу решени Рубикови коцки под вода во еден здив. Рекордот од 2014 година го држеше Американецот Ентони Брукс, кој успеа да реши пет коцки пред да мора да излезе на површина.
Јапонецот Хирому Инада (87) го сруши Гинисовиот рекорд со тоа што стана најстариот натпреварувач што го завршил светскиот шампионат „Ајронмен“.
Хирому ја заврши трката по 16 часа, 53 минути и 49 секунди.

Најдолгите нокти на светот

Титулата на жена со најдолги нокти на светот веќе одамна ја држи Ли Редмонд, која не ги сечела ноктите од 1979 година, а во врвна состојба, како што вели, ги одржува секојдневно натопувајќи ги во топло маслиново масло, со полирање и литри средство за зајакнување на ноктите.

Вкупната должина на нејзините нокти во 2008 година беше 8,6 метри, така што Редмонд го освои Гинисовиот рекорд за „жена со најдолги нокти на двете раце“.
Таа вели дека е свесна дека нејзините нокти ја дефинираат и дека луѓето претежно ја препознаваат како жена со долги нокти, но тоа за кратко се променило кога доживеала сообраќајна несреќа во 2009 година во која ги скршила ноктите и ја изгубила титулата.
Поради должината на ноктите, таа не можела да влезе во тоалетната кабина во авион, па затоа 24 часа пред патувањето ништо не јадела и не пиела.