Америка се прашува како да постапи со оскаровецот „Однесено со виорот“

Авторка: Махита Гаџанан

Тајм

Националните протести што избија по полициското убиство на Џорџ Флојд поттикнаа дискусии во медиумите околу тоа како се претставени расите и полицијата во популарната култура. Како резултат на тоа беа откажани или отстранети од платформите некои филмови и телевизиски серии кои контроверзно ја величаат полицијата како „Полицајци“ и „Полициски прогон во живо“ или се олицетворени расистичките стереотипи како во британската хумористична скеч-серија „Мала Британија“.

„Ејч-би-о макс“ го отстрани од своите содржини филмскиот хит „Однесено со виорот“ кој одамна беше критикуван дека го велича ропството на американскиот Југ и вети дека ќе го врати на платформата во иднина заедно со „дискусија за неговиот историски контекст“. Одлуката следеше по објавената колумна во „Лос Анџелес тајмс“ на Џон Ридли кој инаку е сценарист на филмот „12 години ропство“ и побара токму „Однесено со виорот“ да биде отстранет од содржините на платформата или подоцна повторно да биде вратен откако ќе се вметнат пореалистични кинематографски прикази или ќе бидат воведени дијалози со соодветен контекст.

– „Однесено со виорот“ е филм кој, кога не ги игнорира ужасите на ропството, се фокусира само да овековечи дел од најболните стереотипи на луѓето со друга боја на кожата. Се работи за филм кој како дел од темата за Изгубената кауза на Конфедерација, ја романтизира на начин што ѝ дава важност на идејата дека сепаратистичкото движење беше нешто повеќе, подобро или поблагородно од она што беше, односно крваво востание за да се зачува „правото“ за посед, продажба и трговија со луѓе – напиша Ридли во колумната.

„Однесено со виорот“ ќе се врати на платформата „Ејч-би-о макс“ со воведот на Џеклин Стјуарт, професорката по кинематографија и медиумски студии на универзитетот во Чикаго и која воедно ја води програмата за неми филмови, в недела на каналот за филмски класици „Тарнер класик мувис“. Стјуарт порача дека сака да го објасни историскиот контекст на филмот во својата колумна објавена на „Си-ен-ен“ на 13 јуни.

– За мене ова претставува можност да размислам што можеме да научиме од класичните филмови. Сега луѓето се свртија кон филмовите за повторно да учиме за расизмот, а најпродаваните книги во моментов на „Амазон“ се токму на темите за борба против расизмот и расната нееднаквост. Ако луѓето навистина се потрудат да научат нешто, тогаш ние ќе имаме информирани, искрени и продуктивни национални дебати, на и надвор од малите екрани, за животите на Афроамериканците – додаде таа во колумната.

Отстранувањето на филмот од новата платформа „Дизни плус“ ја отсликува нејзината одлука да не го објавува филмот „Песната на Југот“ од 1946 година, а да воведе предупредување за содржината за филмовите како „Дамбо“. Сето ова ја разгоре дебатата за цензура.

– Не можете да го игнорирате историскиот контекст. Во „Однесено со виорот“ се работи за богата, привилегирана, бела жена, а ропството се користи како приказна во позадина. Да зборуваме за приказните од вистинскиот живот на преживеаните од ропството, кои зборуваа за злоупотребите на која биле изложени од страна на овие богати, бели жени – порача филмската критичарка и авторка на поп-култура Ребека Теодор- Вашон.

Потегот да се повлече „Однесено со виорот“ се случи среде масовното будење за системскиот расизам кој натера многумина да се навратат токму на филмовите кои го третираат расизмот, иако многумина ќе тврдат дека сите одлуки не се паметни. Минатата недела најгледан филм на „Нетфликс“ беше „Помош“ од 2011 година, кој беше силно критикуван поради промовирање на наративот за белците-спасители со тоа што дејството беше насочено на белиот женски лик кој беше послужуван од страна на црномурестите домашни работници.

Идеално, вратената верзија на „Однесено со виорот“ ќе вклучува дискусија токму зошто многу аспекти од филмот се расистички и историски непрецизни, од прикажувањето на робовите кои изгледаат среќно што работат, до импликациите дека белите жени што живееле на плантажите не биле соучесници во практиката на ропството, како што истакнува Теодор-Вашон.

Превод: Билјана Здравковска