Последниот филм на „Марвел“ заработи повеќе од милијарда долари

Филмот „Одмаздници: војна на бесконечноста“, на режисерот Ентони и Џо Русо, минатиот викенд постави уште еден рекорд, стигнувајќи до милијарда долари, најбрзо од кој било филм во историјата. Компанијата „Волт Дизни“ процени дека филмот стигнал до 1,16 милијарда долари без оглед на тоа што сѐ уште немал премиера на моќното кинеско платно, второ најголемо за филмовите на „Марвел“.
Милијардата е надмината во саботата, 11 дена откако филмот е пуштен во кината. „Одмаздници: војна на бесконечноста“ со ова го надмина и филмот на „Дизни“, „Војна на ѕвездите: силата се буди“, кој ја надмина милијардата за 12 дена.

Марвеловите филмови веќе со години имаат прецизна тактика за освојување на кинескиот пазар. Меѓутоа, порано планираната премиера, за 1 мај, во Пекинг е одложена за 11 мај, затоа што кинеските закони не дозволуваат странските филмови да имаат премиера на државни празници.

Деветнаесттата по ред и досега најамбициозна адаптација на стрипот, во кој сите херои на „Марвел“ се собрани во борба против неверојатниот негативец Танос, заработи 112,5 милиони вториот викенд во кината, што е најдобар резултат, по „Војна на ѕвездите“.

Се смета дека е еден од најскапите филмови што се направени. Проценет е на околу 400 милиони долари, не сметајќи го буџетот наменет за маркетинг.
Главните ликови ги играат Робер Дауни Џуниор, Марк Рафало, Крис Еванс, Крис Хемсворт, Крис Пат, Том Холанд, Скарлет Јохансон и многу други.