Со овации, одушевување и долг аплауз, срдечно реагираше публиката по премиерата на македонскиот документарен филм „Медена земја“ што се одржа во Јута, САД, во рамките на филмскиот фестивал „Санденс“. Критичарите ги бележеа своите импресии уште за време на проекцијата, а само неколку часа по премиерата истите тие се огласија со позитивни критики во медиумите и преку социјалните мрежи. Познатиот филмски критичар Ентони Кауфман од „Скрин интернешнл“ по премиерата на „Медена земја“ кажа: „Бев скептичен, но откако го гледав се убедив дека гласините што се ширеа за македонскиот документарец се вистинити. Овој документарец е совршен колку што еден документарец би можел да биде“.

Шери Линден од престижниот „Холивуд репортер“ напиша: „Во оваа ера на кризи на изумирање, загрозени природни живеалишта, безобѕирно профитирање, а да не зборуваме за работата на Одделот за внатрешни работи на Трамп, „Медена земја“ раскажува приказна со универзален одглас, дури и кога открива заборавено место, кое е толку специфично и необично, што повеќето современи луѓе од западниот свет никогаш не би можеле ни да го замислат“.

Со позитивни коментари се огласија и Крис О’Фалт од „Индивајр“, Ерик Хајнс од „Филм комент“, Соња Епштајн од „Слоан сајанс енд филм“ и други.

– Исклучително рафинираното чувство за препознавање на уникатниот документаристички филмски јазик и повеќеслојноста во овој наратив беше провокација за публиката, која по премиерата, во минутите определени за прашања и одговори, настапи со огромна љубопитност и многу комплименти и, според еден од организаторите на „Санденс“, ова е еден од ретките документарци на фестивалот, воопшто, на кој целата публика останала за прашања и одговори по филмот – откри екипата на филмот.

„Медена земја“, кој е во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, е во официјална конкуренција на престижниот фестивал за независни филмови „Санденс“ во категорија со уште 11 други документарни филмови од целиот свет.