Одгледувачи на бонсаи дрвја останаа вознемирени откако седум примероци вредни околу сто илјади долари биле украдени од нивното одгледувалиште во Саитама, Јапонија, пренесува магазинот „Тајм“. Откако кражбата се случила, одгледувачите ги замолија крадците да се грижат за дрвцата и да ги наводнуваат правилно.

Сеиџи Имура ги сподели информациите за инцидентот на Фејсбук, каде напиша дека им биле украдени неколку примероци од нивната градина. Тој потенцираше дека некои од бонсаи дрвјата му се многу драгоцени.

Сеиџи и неговата партнерка Фујуми Имура за Си-ен-ен изјавија дека крадците ги одбрале највредните дрвца од колекцијата, која брои околу три илјади примероци. Највредниот примерок од колекцијата бил „Шимпаку смрека“ со вредност од 90 илјади долари. Загрижениот Сеиџи вели дека дрвото не би преживеало повеќе од една недела, ако не се наводнува.

Одгледувачите ја споделија својата длабока загриженост на Интернет и ги замолија оние што ги украле дрвцата да се грижат за нив.

– Дали правилно ги наводнувате дрвјата за кои се грижевме како за свои деца – прашува на Фејсбук загрижената Фујуми.

Кражбите на бонсаи дрвјата се навистина голем проблем за одгледувачите, бидејќи ретките видови достигнуваат огромни цени надвор од Јапонија.