Наскоро Благој Маротов ќе ѝ претстави на публиката два музички проекти на кои работи во моментот, едниот е „Класика-М“, со обработки на македонски фолклорни бисери, а вториот со попрок-песни

Благој Маротов, музичар

Благој Маротов, кој сѐ почесто се потпишува со уметничкото име Блаж, е познат македонски музичар, со широко поле на интерес. Завршил Музичка академија во Скопје, а долги години работи како професор во средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“, каде што предава Контрабас. Повеќе од 15 години свирел со Македонската филхармонија, а како член на разни оркестри, чест гостин е на програмите на националните телевизии. Настапува и соло, но и во „Дует Маротов“, со сопругата Јуле.

Ќе ни откриете ли нешто повеќе за двата музички проекти на кои работите во моментот?
– Паралелно работам на проектот „Класика-М“, кој првенствено се базира на обработка на наши македонски народни песни во мои аранжмани и изведба. Ново руво веќе добија познатите народни македонски песни „Садила Јана“, „Дај ми го, мила мамо“ и „Дејгиди, луди млади години“, а истовремено компонирам нови попрок-песни. Најновата е „Налеј една“, а тука се и „Бенг, бенг“ и „Роман за нас“. Задоволен сум од сработеното досега, во секој сегмент, и се надевам летово ќе ги промовирам двата носачи на звук.

Неодамна ја слушнавме вашата верзија на песната „Дејгиди, луди млади години“, која своевремено ја отпеа Александар Сариевски. Но дали и вие, исто како и во младоста, ја чувствувате истата жар кон музиката?
– Уф, се чувствувам баш така, како во времето на моите почетоци на допирот со таа магија, музиката. И сега би кажал како и некогаш, за добро музицирање доаѓам и без хонорар. А во однос на тоа колку јас сум ѝ дал на музиката, а колку таа мене во животот, мислам дека сме „фит“, или дека сме на половина пат. Сепак, сега очекувам јас да бидам малку во предност, иако нема мерка за тоа. Јас ја сакам, а таа ми враќа со убави чувства и незаборавни контакти со луѓето каде и да одам.

Како ги избирате песните што ќе се најдат на цедето „Класика-М“?
– Музиката не ја делам по жанрови, периоди, стилови, така и песните од нашата богата ризница ги одбирам по тоа како ми лежат на душа, според убавата мелодија, текст, колку народот ги знае, ги доживува. Така се нафаќам да ја облечам во костум по моја мера.

Постојано сте присутен во домовите на гледачите преку музички емисии во кои се свири во живо. Колку ви значат овие ангажмани?
– Контактот со публиката, кој, за жал, сега е сведен само на учество во телевизиски емисии, го доживувам како духовна храна. Сакам на публиката да ѝ го дадам тоа што го носам во себе преку музички израз, кој истовремено е емоционален и духовен, проследен со добра мисла и огромни количества позитивна енергија.

Одлично се снаоѓате и во народната, забавната и во класичната музика. Дали тоа ве ограничува или, токму спротивно, ве збогатува?
– Па, би кажал и едното и другото. Мојата мајка често ќе ми речеше: Зошто само не пееш? Со моето мултиобразование добив секако пошироки познавања и знаења, но денес е време на еднонасочно претставување. Но, независно за каков вид музика се работи, јас ѝ ги подарувам моите чувства на публиката искрено, а се надевам таа го чувствува тоа.

Со сопругата Јуле учествувате во мегапопуларната музичка емисија „Никогаш не е доцна“. Колку тоа беше нов предизвик и освежување за вас во професионална смисла?
– Тоа навистина беше професионално освежување за целото наше семејство, бидејќи сите некако бевме инволвирани во тие неколку настапи. И добро што ни се случи тоа, бидејќи настап пред еден повеќемилионски аудиториум и двајцата сме посакувале уште откога бевме дел од поранешната Југославија.

Песната „Роман за нас“ му ја посветивте на Оливер Драгоевиќ. Веројатно имавте поинакви планови за нејзино претставување пошироко во регионот, но актуелната пандемија го прекина тоа…
– Темата „Роман за нас“ има свое посебно место во моето поново творештво и сигурен сум дека по завршувањето на „Класика-М“ ќе снимам нешто ново регионално, за пошироката публика што веќе ме знае.

Сите во вашето семејство се музичари, а во една пригода најавивте дека е можно да снимите и некој семеен носач на звук. Има ли шанси наскоро и да се оствари тоа?
– Во периодов на пандемијата некако другите членови на „Маротов бенд“ се повлекоа, немајќи живи настапи, но Лена, сопругата на синот Бојан, е поактивна, па токму за неа во изработка е нова песна, чиј комплетен автор сум јас, која се надеваме наскоро ќе ѝ ја претставиме на македонската публика.

Кога се чувствувате најубаво, кога создавате музика, кога на вашите ученици им го пренесувате знаењето или кога сте пред публика?
– Нема да е дипломатски ако кажам дека во сите тие предизвици наоѓам задоволство, но, сепак, најмногу јас уживам кога ќе почувствувам контакт со публиката, кога ги погаѓа мојот допир со глас, звук, ритам, тогаш е она вистинското…