Судот вчера го одби барањето на Роман Полански за враќање на членството во организацијата што ги доделува наградите на Академијата за филмски уметности и науки, две години откако тој беше исклучен од неа поради обвиненијата силување малолетничка, пренесува „Асошиејтед прес“.

Полански поднел тужба во април 2019 година, барајќи од судот Академијата да му овозможи повторно да стане нејзин член.

Една година порано, Академијата направи редок потег за одземање на членството на Полански и на Бил Козби, неколку месеци по одземањето на членството на филмскиот магнат Харви Вајнстин.

Полански веднаш ја обжалил одлуката која во јануари минатата година, но Академијата ја отфрлила неговата жалба.

Судијката Мери Стробел во Вишиот суд во Лос Анџелес, вчера донесе одлука дека Академијата има право да му одземе членството на Полански, посочувајќи дека му овозможила фер расправа и му доставила известување за неговото протерување.

Харланд Браун, адвокатот на Полански рече дека 87-годишниот режисер не планира да ја обжали одлуката на Стробел.

„Членството на Роман во академијата е безвредно и ние нема да трошиме пари за правни такси за жалба без вистинска цел. Роман е еден од најголемите режисери во историјата на филмот. Неговата уметност ќе ја надживее академијата која е веќе заборавена реликвија“ напишал Браун во мејл до „Асошиејтед Прес“.

Новинската агенција преку електроската пошта побарала коментар од службените лица на Академијата, но не добила одговор. Во 2019 година Академијата соопштила дека „постапките преземени за протерување на Полански биле фер и разумни“.

Полански, кој го освои наградата „оскар“ за најдобар режисер за филмот „Пијанист“ во 2003 година, остана бегалец откако се изјасни виновен за секс со малолетничка во 1977 година и следната година ги напушти САД. Оттогаш живее во Европа.

Тој беше член на Академијата скоро 50 години до моментот на неговото протерување, а неговите филмови биле номинирани за 28 „оскари“.

По протерувањето на Вајнстин, Академијата спроведе ревидирани стандарди и кодекси на однесување за своите 8.400 членови. Стандардите велат дека организацијата нема место за „луѓе кои ги злоупотребуваат својот статус, моќ или влијание на начини што ги кршат стандардите на пристојност“.

Ревидираните стандарди овозможија одборот на Академијата да ги суспендира или протера оние што го кршат кодекс на однесување или „го компромитираат интегритетот“ на Академијата.