Денеска , „Ап(о)тека“, МКЦ и „Корпус деликти рекордс“ од 12 до 17 часот, организираат дневно дружење на платото пред МКЦ, по повод Интернационалниот ден на независните музичките продавници (International Record Store Day 2021 ). Во светски рамки Ден се одбележува од 2007, а кај нас во Македонија, оваа манифестација се организираме по четврти пат.

– Следејќи го генералниот концепт на прославата и „Рекорд стор деј Македонија 2021“ (Record Store Day Macedonia 2021) има свој амбасадор, промотер на овој настан. Оваа чест секогаш е наменета за музичари, кои со своите објави покажале несомнена почит и љубов кон физичките изданија, пред сѐ винилите,како доминантни носачи на звук и на овој или оној начин несебично го поддржувале опстојувањето на малите музички продавници. Годишниот амбасадор е Александар Петрушевски (Пепе, „Алекс Даст“). Неговото име, во изминативе 6 години, се појавува испишано на 18 винилни изданија (и реобјави) издадени во Европа и во Австралија. Тоа го прави еден од ретките македонски музичари, кои со своето творештво имаат оставено печат на повеќе од 10 музички изданија, објавени на винил (албуми или синглови). Уште поинтересно е што овие објави се во најголем дел со само еден бенд, „Дисиз“(Disease), и со по едно од „Дефект“ и „Ангза“.Патем, факт што не e толку важен за конкретниов настан, но е потег вреден за секаква почит, e потписот што го има ставено зад најдолгата европска турнеја што еден македонски бенд некогаш ја има отсвирено. Турнеја долга нешто помалку од три месеци, со концерти кои „Дисиз“ ги свират во дваесетина европски држави, ден за ден – велат организаторите на настанот.

Во 2017 година оваа почест му беше укажана на Васко Атанасоски, во 2018 на Влатко Стефановски, а во 2019 на Стојче Цветановски. Во 2020, породи корона-кризата, настанот не се организираше.

Годинава, по четврти пат, на интернационално ниво се промовира уште една почест, „Ворлд вајд рекорд стор леџенд“ (Worldwide Record Store Legend), за страсно колекционерство и долгогодишна поддршка на физичките изданија како носачи на звук (пред сè на винилот) и континуирана поддршка на малите и независни музички продавници.

– Сметавме дека кај нас, честа да биде промовиран во нова македонска „Worldwide Record Store Legend“, треба да му припадне на професорот на правниот факултет во Скопје – Гордан Калајџиев, долгогодишен пасиониран колекционер на физички изданија (со особена страст кон винилите) и редовен посетител на европските, но и на ретките македонски независни музички продавници. Во изминативе три години оваа почест ја добија Васја Ивановски (2017), Владимир Мандичевски-Манде (2018) и Бранислав Димитров-Бране (2019) – посочи Тошо Филиповски, хроничар на македонската музичка сцена и едне од организаторите на настанот.

Покрај укажувањето почит кон споменатите личности, самиот „Рекорд стор деј Македонија 2021“ ќе биде одбележан и со промоција на винил, кој иако не е изготвен како РСД Ексклузив рилиз, сепак ќе биде промовиран на овој славенички ден. Се работи за винилно издание, кое е сосема уникатно во целата македонска дискографска историја. Албум со само една песна, но во 9 различни изведби од македонски артисти, компилацискиот албум – „Ние сме од Скопје“, во издание на ПМЏ рекордингс.

Целиот славенички настан ќе биде поддржан со диџеј сетови на Теа Шалдева и Томе Рутбој, но и со концертни настапи на „Дисиз“ и „Кантон 6“.