Билјана Јуруковски, фотографка

Мои фотографии ќе бидат дел од проектот на фондацијата на познатиот фотограф Џими Нелсон, кој ќе се реализира идната година, за да се документираат традицијата, обичаите и културата на одредени човечки култури што се пред изумирање, вели Билјана Јуруковски, чии фотографии се објавени во „Нешенел џеографик“, „Гардијан“, „Ленс магазин“, „Ла фотографија“, „Силверсхоц магазин“ и други еминентни гласила

Билјана Јуруковски, Македонка што живее во Сиднеј, Австралија, каде што работи како извршна менаџерка во асоцијацијата „Д ејџд кер индустри“, по потекло е од Прилеп, а за себе вели дека е самоука фотографка и многу љубопитна личност. Во 2014 г. ја открива пасијата кон фотографијата, а нејзиното умеење веќе во 2016 година е забележано од магазинот „Нешенел џеографик“, каде што нејзината фотографија „Ловец на орел“ е прогласена за фотографија на денот. Таа бележи голем број и значајни светски признанија и успеси и прифатена е од светската професионална јавност во областа на уметничката фотографија. Еден од нејзините најавтентични проекти се направените фотографии за време на посетата на домородните африкански племиња. Годинава градот Прилеп ѝ ја додели дипломата „3 Ноември“ за придонес во фотографијата и за меѓународната афирмација на Прилеп, а нејзини дела се застапени во книгата „12 македонски фотографи(к)и“, која неодамна беше промовирана во Тетово. По повод добиената награда во родниот град, Јуруковска одржа средба со искусните и со младите фотографи, но и со љубителите на уметничката фотографија.

Кој беше пресудниот момент една менаџерка од сосема друга област да почне да се занимава со уметничка фотографија?
– Некогаш доаѓаат такви моменти што комплетно ти го менуваат животот. Имено, во 2014 година в рака ми падна книгата од светски познатиот фотограф Џими Нелсон, насловена „Пред да исчезнат“. Првата фотографија што ја забележав во книгата беше фотографија на домороден човек од племето Мурси. Човек со калашников во рацете и украсен со рогови од диви животни на главата, а крај него седат две деца. Фотографијата ме натера да истражувам за нив и за можностите да ги посетам овие племиња. Желбата да ги посетам племињата, особено оние од Етиопија, ме натера паралелно да се едуцирам и за тие луѓе, но и за светот на фотографијата. Почувствував дека тоа е повик за мене и дека тоа е работата што ме исполнува. Првата експедиција во која фотографирав неколку племиња од Етиопија ја направив во 2015 година. Тогаш си потврдив дека фотографијата е мојата љубов, љубов за која сум подготвена да се откажам од многу други нешта. Одам на места каде што владее маларија или туберкулоза, се соочувам со вооружени сили, но љубовта е посилна од стравот. Бројот на фотографи што одат на овие места е многу мал, затоа што таму сѐ уште постојат племенски војни, па мора да се патува со вооружена придружба.

Како ве препозна светската фотографска јавност, која денес ве вреднува и ве наградува?
– Една од моите први фотографии што ги имав објавено на социјалните мрежи беше „Ловец на орел“, направена во Монголија. Таа фотографија ја селектира „Нешенел џеографик“, како фотографија на денот. Потоа голем успех доживеаја фотографиите направени кај племето Сурма во Африка и тие се објавени во „Гардијан“, „Ленс магазин“, „Ла фотографија“, „Силверсхоц магазин“ и други еминентни гласила. Една објава повлекува друга, еден проект повлекува втор и така патот сам си се трасира, без некои особени амбиции.

Кои се вашите најголеми постигнувања во областа на фотографијата?
– Досега сум изложувала во Њујорк (Харлем и Менхетн), Берлин, Барселона, и добитничка сум на неколку интернационални награди. Во Македонија особено ме израдува тоа што годинава сум една од добитниците на највисокото градско признание на мојот роден град Прилеп, дипломата „3 Ноември“, и тоа што на 15 ноември беше промовирана книгата „Дванаесет македонски фотографи(к)и“ од авторите Драги Неделчевски и Никола Гелевски, во која сум застапена со авторски фотографии и одговори на прашања за мојот однос кон уметничката фотографија. Oд декември 2019 до февруари 2020 десет мои фотографии ќе бидат прикажани на најголемиот дигитален екран во Париз. За еден од најголемите успеси го сметам тоа што сум селектирана од светски познатиот фотограф Џими Нелсон, како дел од тимот за проектот од неговата фондација, кој ќе се реализира во 2020 година, а има за цел да се документираат традицијата, обичаите и културата на одредени човечки култури што се пред изумирање.

Вие по природа сте авантуристка што сака да патува и да доживува нови и необични нешта. Зошто токму Африка и нејзините племиња се вашиот најголем предизвик и инспирација?
– Точно, јас сум авантуристка и многу љубопитна личност, со огромен интерес за луѓето за кои „времето како да застанало“. Морам да ви кажам дека не ме предизвикуваат местата и луѓето за кои веќе доволно се знае и за кои јавноста е доволно запознаена, како што се Масаите. За мене предизвик се луѓето за кои речиси ништо не се знае, сакам да ги истражам и преку фотографија да ги претставам убавината, умешноста и културата од тој редок свет. Затоа Етиопија, особено на границата со Јужен Судан, претставува жив човечки музеј на различни култури што го зачувале традиционалниот начин на живот.

Како изгледаат подготовката и процесот на едно ваше патување и фотографирање во Африка?
– Подготовките почнуваат барем неколку месеци пред самото патување. Од огромна важност е сознанието со кого тргнувате на пат и неопходно е да имате искусен водич, некој кому можете да му верувате, некој што е способен да обезбеди добри возила, шатори за кампување, вооружена екипа. Мора претходно да се има основно предзнаење за племето што сакате да го посетите, како и да сте запознаени со дневната политичка ситуација и дали во моментот владее некаква епидемија. Шест недели пред тргнувањето се примаат вакцини, облеката што ја носиме се третира со посебни хемикалии што ги одбиваат мувите и комарците. Не се оди на такво патување без доволно соодветна облека, храна и вода.