Нуркачите од Институтот за океанографија и рибарство снимија огромен примерок од редок вид медуза во близината на Трогир, што ги изненади и експертите. Станува збор за медуза со латинското име „Chrysaora hysoscella“, вид што живее во крајбрежните води на Атлантски Океан и Средоземно Море, а се среќава и во близината на бреговите на Велика Британија, Ирска и на Турција.
Иако е редок вид, најчесто се приближува до брегот на почетокот на летото, а во последниве години станува сѐ почест жител на Јадранот. Овој вид медуза живее под површината на водата на длабочина од 0 до 10 метри, каде што лебди и повремено плива. Се храни со зоопланктон, а нејзините природни непријатели се морските желки и рибите мола мола, кои се хранат со неа.
– Додека ја истражувавме населбата Посидонија, наидовме на медуза од родот хрисаора. Но никогаш не сме виделе толку голем примерок – објави Сплитскиот институт за океанографија и рибарство.
Со оглед на тоа што во просек расте до 20 см во должина и до шест сантиметри во дијаметар, овој огромен примерок, кој според сликите е со должина од околу два метри, ги изненади експертите.
– Ако наидете на овој вид медуза, не приоѓајте на кој било начин и избегнувајте да ја допирате бидејќи може да предизвика изгореници и пецкање. Ако навистина се случи да ве изгори, областа треба да се излади и да се намачка со гел од алое вера што спречува изгореници – советуваат експертите, и додаваат дека е важно да знаете дека изгорената површина не треба да се трие или исплакнува со свежа вода или алкохол.
Добро е да ставите оцет или сок од лимон на изгореното место. Како последица на тоа, обично останува споменот за средба со медузата, депигментација на кожата, па дури и лузна.