Филмот „Невидливиот човек“, во кој Елизабет Мос ја има главната улога, веќе се покажа како огромен хит. Тој ги надмина сите очекувања, а за време на првиот викенд од неговото прикажување оствари заработка од 50 милиони долари низ светот.
Покрај публиката, воодушевени се и критичарите. Според познатата страница „Ротен томатос“, на која се рангираат филмовите и сериите, „Невидливиот човек“ во моментов има препорака од 90 проценти, што е висок рејтинг за еден хорор-филм.

– Се очекува натамошен успех на првиот хорор-хит за оваа година. Само што почна да се прикажува во кината на 27 февруари и веќе успеа да направи седумкратно враќање на профитот, со оглед на многу малиот буџет од 7 милиони долари инвестирани во него – пренесува УНИЛАД.

Инспирација за филмот е книгата „Невидливиот човек“ на англискиот мајстор за научна фантастика, писателот Херберт Џорџ Велс. Елизабет Мос ја игра улогата на Сесилија Кас, жена што е тероризирана од своето поранешно момче. Тој ја лажира својата смрт, а потоа ја прогонува, па Сесилија е принудена да се бори за својот живот и да им докаже на другите дека не го губи разумот.

Филмот е во режија на Ли Венел, познат и по тоа што го напишал сценариото за хорор-класиката од 2000-тите „Пила“ (Saw).