Во Галичник денеска се одржа 46-то издание на традиционалната културно-сценска манифестација Галичка свадба, која повеќе од четири децении ги негува свадбарските обичаи и ритуали на жителите од мијачкиот крај.

Манифестацијата во исто време придонесува за зачувување на автентичноста на изворните песни и ора, како и на надалеку познатата галичка носија на која е врежан печатот на вековните македонски традиции.

Младенци на годинешната Галичка свадба, која секоја година се одржува на Петровден, односно за време на викендот кој е најблизу до овој празник, се Марина Петровска и Огнен Караѓозовски, кој по потекло е од Галичник.

Тие денеска по низата свадбени обичаи, како и со изведбата на невестинското и други ора, се венчаа во црквата „Св. Петар и Павле“. Традиционално, почетокот на Галичката свадба се означи во саботата, со поставување на свадбарското знаме, а свадбената свеченост заврши со чинот на испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.

Галичката свадба, која традиционално се реализира со поддршка од Министерството за култура, ја следеа претседателот Стево Пендаровски, министерот за култура, Хусни Исмаили, како и голем број гости и посетители од земјава, но и од странство, кои можеа да проследат над 30 обичаи кои се изведуваа за време на свадбарските денови.

Традиционално, со одржувањето на Галичката свадба во организација на месната заедница на селото Галичник, започна и „Галичкото културно лето“, кое и овојпат ќе понуди најразлични забавни и музички содржини, приспособени за сите генерации посетители.