По четири години пауза, актерот Џорџ Клуни се најде повторно пред камерите во филмот „Полноќно небо“. Популарниот 59-годишен Клуни последен пат глумеше во филмот „Игра на пари“, каде што партнерка му беше Џулија Робертс. Потоа го режираше филмот „Предградие“, глумеше во серијата „Кеч 22“, за да се врати оваа година со филмот „Полноќно небо“, чија премиера ќе се одржи во декември на стриминг-платформата „Нетфликс“. Клуни е и режисер на филмот и ја има главната улога.
Филмот е базиран на книгата „Добро утро, полноќ“ од Лили Брукс-Далтон и во него Клуни го игра научникот Аугустин Лофтаус, кој се наоѓа во истражувачка станица на Арктикот. Времето е постапокалиптично, тој е последниот човек на Земјата, но открива дека на станицата има девојче што се прошверцувало при последната евакуација. Неговата цел е да го запре враќањето на истражувачкиот вселенски брод од еден од сателитите на Јупитер на планетата Земја, затоа што на Земјата повеќе нема живот.

Станува збор за научнофантастичен филм што Клуни го опишува како мешавина од „Повратник“ и „Гравитација“. Покрај Клуни, во филмот глумат Фелисити Џонс, Дејвид Олејово, Тифани Бун, Кајл Чендлер и Демијан Бичир. Тие се астронаути во истражувачки вселенски брод додека девојчето Ирис го игра Коилин Спрингол.
– Ликот што го играм има 70 години. За жал, се приближувам до тој изглед. Отсекогаш сум изгледал малку постаро, но сега така и изгледам. Би рекол дека изгледам како татко ми, но татко ми изгледа подобро од мене – изјави Клуни за „Вераети“.