По четири години теренски истражувања и милиони податоци за распространувањето и гнездењето на птиците во Европа е објавен новиот атлас на птици гнездилки.
– Во ова издание на атласот учествуваме со сопствени податоци, собрани од експертите и волонтерите на Македонското еколошко друштво, со значајна поддршка од странски орнитолози. Низ цела Европа учествуваа над 120.000 волонтери истражувачи со што овој атлас е еден од најголемите проекти за истражување на биолошката разновидност со вклученост на граѓаните – информираат од МЕД.
Теренските истражувања започнаа во 2013 година и траеја до 2017 година.
– Овој атлас е клучна публикација што ќе ја насочува идната работа за зачувување на птиците и природата во Македонија. Ќе ни помага подобро да ги разбереме промените во распространувањето на сите видови птици низ годините и ќе ни дава насоки каде во регионот треба да се спроведуваат активности за зачувување на птици и реставрирање на живеалишта – изјави Данка Узунова, раководителка на овој проект за Македонија.
Теренските податоци покажуваат дека драстично се намалила бројноста на птиците од земјоделските површини, а зголемена е бројноста на шумските птици и птиците што се заштитени со меѓународни конвенции и легислатива. Дополнително, во последните 30 години гнездечките ареали на птиците во Европа се преместиле кон север во просек за 28 километри (поместување од околу 1 километар годишно).