Оваа ретка колекција е убаво потсетување на златното време на македонската дискографија, од периодот на некогашна Југославија, кога на „Леб и сол“ му се восхитуваа сите од Вардар до Триглав

Најголемите хитови на култната македонска група „Леб и сол“ се собрани во колекција, која неодамна ја објави дискографска куќа „Кроација рекордс“ од Загреб.
– По „Ултимативната колекција“ од 2008 година, исто така во издание на „Кроација рекордс“, и претходно „Антологија“ од 1995 година, која ја потпиша „Трето уво“, ова е првата официјална компилација (во оваа декада во 21 век), на Влатко Стефановски, Бодан Арсовски, Кокан Димушевски, Гарабет Тавитјан и Драгољуб Ѓуричиќ, која го опфаќа целокупниот дискографски период на бендот. Куриозитет, во однос на веќе споменативе компилативни изданија со најголемите хитови, е што овој пат целиот период на дискографското дејствување на „Леб и сол“, во доменот на студиски албуми (1978-1989) е ставен на еден компакт-диск, со вкупно 18 песни – вели Иван Бечковиќ, претставник на „Кроација рекордс“.

Тој дополни дека ова цеде ги обединува двата каталога на „Леб и сол“ – оној на ПГП РТБ, од 1978 до 1981, и оној на „Југотон“ од 1983 до 1989 година.

– За старите обожаватели на „Леб и сол“ ова е брзо чекорење по нивната дискографија, а за некои нови клинци – основа, камен-темелник, од каде што треба да се почне. Нешто како „Леб и сол“ за почетници. Првиот буквар, првата музичка читанка. Ова прекрасно издание, кое на насловната страница ја има култната обвивка на албумот „Као какао“, најпознат и најкомерцијален носач на звук во целиот дискографски опус на „Леб и сол“, го уреди Домогој Шиљег, а ликовно го уреди Иво Т.

Монтина. Меѓу почетната тема „Као какао“ и последната, 18-та „Чувам ноќ од будних“, веројатно нивната најпопуларна тема, ако за репер се земат прегледите на Јутјуб, на актуелната колекција со најголеми внимателно одбрани инструментални и вокални теми на „Леб и сол“: „Абер дојде, Донке“, „Калабалак“, „Таласна дужина“, „Мамурни људи“, „Кумова слама“, „Скопје“, „Контакт је скуп“, „Нисам твој“, „Бистра вода“, „Деветка“, „Путујемо, „Кокошка“, „Тако близу“, „Жива рана“, „Јовано, Јованке“ и „Чукни во дрво“ – посочи Бечковиќ.

Оваа ретка колекција е убаво потсетување на златното време на македонската дискографија, од периодот на некогашна Југославија, кога на „Леб и сол“ му се восхитуваа сите од Вардар до Триглав.

– Колекција на најголемите хитови на „Леб и сол“ засега претставува точка на една неверојатна кариера, која многу лесно би можела да биде и запирка, доколку легендите повторно одлучат да ни се вратат – посакува Иван Бечковиќ.