По огромниот пожар што пред две години ја зафати Богородичната црква во Париз и го потресе целиот свет, работите на обновата може да почнат наредната зима, објавија француските медиуми.
Огнената стихија што избувна на 15 април 2019 година уништи дел од сводот и големата стрела (греда), како и дел од внатрешноста на катедралата, стара повеќе од 850 години.
Бисерот на готската архитектура, пред епидемијата на коронавирусот беше незаобиколна дестинација за посетителите на Париз. Се наоѓа во срцето на градот, покрај реката Сена. Нејзината изградба ја започнал бискупот Морис де Сили во 1163 година, а била завршена два века подоцна, во 1345 година.
Подготвителните работи за обновата на Богородичната црква ќе бидат завршени ова лето, а во текот на зимата ќе почне реставрацијата, која ќе трае подолго од предвидените пет години.

Веќе се распишани тендери за обнова, а медиумите неодамна пренесоа дека се избрани 1.000 стебла на даб. Засега сѐ уште не се знае точната причина за пожарот, но многумина споменуваат некои неисправности и негрижа.
Засега има само претпоставки дека причина за пожарот е догорче од цигара или краток спој во инсталацијата – велат извори блиски до истрагата.
Богородичната црква е тесно поврзана со историјата на Франција. Нејзините силни ѕвона на 24 август 1944 година се огласиле да го означат ослободувањето на земјата од нацистите, а 26 години подоцна ѕвонеле и на погребот на генералот Шарл де Гол.
Катедралата ја опеал поетот Жерар де Нервал, кој во 1832 година ѝ ја посветил песната „Богородичната црква во Париз“, а една година порано Виктор Иго го напишал романот со ист наслов, за ѕвонарот Квазимодо и за неговата вљубеност во ромската танчарка Есмералда.