Доналд и Меланија Трамп ја избегнаа церемонијата на која Џо Бајден беше устоличен во нов претседател на САД и неколку часа порано го напуштија Вашингтон и заминаа за Флорида, пренесува „Инсајдер“.

Сега веќе поранешната прва дама на САД замина од Белата куќа во целосно црна комбинација, дизајнирана од европските модни брендови „Шанел“ и „Долче и Габана“. Тоа беше целосна спротивност со модата на инаугурацијата, за која Џил Бајден и Камала Харис беа облечени од млади и малку познати американски дизајнери.

– Облеката на Меланија Трамп беше соодветен крај за нејзиното време како прва дама, носејќи ги нејзините омилени брендови кои не вклучуваат американски дизајнери – изјави Ванеса Фридман, модна критичарка на „Њујорк тајмс“.

Меланија Трамп излезе од авионот во Флорида во релаксирано издание и во сосема поинаков портокалов фустан на „Гучи“, вреден 3.700 американски долари.

Новата прва дама Џил Бајден навести дека ќе има поинаков пристап кон својата облека, нагласувајќи дека сака да соработува и да промовира американски дизајнери.